БЕЗРЕДИЕТО ГО БРАНАТ СО СМРТНИ ЗАКАНИ – СЛУЧАЈ ШТО ГО РАЗОТКРИ ЛИЦЕТО НА ОПШТЕСТВОТО

Новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, доби сериозни онлајн навреди и смртни закани откако на социјалните мрежи објави видео во кое укажува на непрописно паркирани возила на тротоар пред објектот на Амбасада на Република Бугарија во Скопје.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро ги осуди нападите, наведувајќи дека станува збор за пораки исполнети со навреди, шовинизам, говор на омраза и директни закани по живот, меѓу кои и пораката „смрт за вас“. Според ЗНМ, ваквите напади претставуваат сериозно кршење на слободата на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот.

Од ЗНМ истакнуваат дека нападите имаат јасна цел – притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес. Здружението преку својот адвокатски тим му обезбедило правна помош на Видиновски, а случајот е пријавен во Министерство за внатрешни работи.

Во соопштението се наведува дека Видиновски известувал за проблем кој засега јавна безбедност и слободно движење на пешаците, за што реагирале и граѓани, а свој став претходно изнело и МВР. ЗНМ нагласува дека новинарите не смеат да бидат цел на закани, навреди и онлајн насилство поради својата работа.

Здружението изрази целосна поддршка и солидарност со новинарот Александар Видиновски и апелира ваквите случаи да не останат неказнети. Воедно најави дека внимателно ќе го следи случајот и ќе ги искористи сите механизми за заштита на новинарите и медиумските работници.

Нападот врз новинарот беше јавно осуден и од повеќе политички партии, кои побараа итна институционална реакција и санкционирање на сторителите.

Loading