НАЈОДЛУЧНИОТ ЧЕКОР НА МИЦКОСКИ ЈА МЕНУВА ИГРАТА: ПАД НА СТАРИТЕ ПОЗИЦИИ, КОЈ ЌЕ „ПРЕЖИВЕЕ“ ВО НОВАТА ШЕМА?

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на состанокот закажан за в петок, на предлог на лидерот и премиер Христијан Мицкоски, ќе го избере новиот состав на Извршниот комитет и новото раководство на партијата. Според најавите, Мицкоски нема да предложи нови потпретседатели, па партијата до следниот конгрес ќе функционира само со генерален секретар.

Како што брифира висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“, во најтесен круг за нов генерален секретар се три имиња: директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски, пратеникот Драган Ковачки и актуелниот генерален секретар и пратеник Ѓорѓија Сајкоски.

Томовски и Сајкоски и досега неофицијално се споменуваа како можни кандидати, додека Ковачки првпат влегува во потесниот избор. Дали токму тој ќе биде адутот на Мицкоски, ќе стане јасно по состанокот на Централниот комитет.

Во партијата постојат различни ставови околу изборот. Крилото што лобира за смена на генералниот секретар го поддржува Томовски, оценувајќи го како силен теренец. Од друга страна, поддржувачите на Сајкоски посочуваат дека тој има значајна улога во изборната организација и во победата на локалните избори во Кичево, каде по 12 години владеење на Фатмир Дехари од ДУИ, победи кандидатот Александар Јовановски.

Мицкоски најави и освежување на Извршниот комитет. Според информациите, актуелните потпретседатели Александар Николовски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски ќе останат членови на ИК, заедно со Антонијо Милошоски, Никола Мицевски и Луке Галески. Промени се очекуваат и во раководствата на Унијата на млади сили и Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред партискиот конгрес во декември, Мицкоски потврди дека сериозно ја разгледува можноста партијата да функционира без потпретседатели, со цел да нема фаворизација при изборот на нов лидер на следниот конгрес. Тој тогаш најави и „мека транзиција“ и „катарза во партијата“, со освежување на кадрите и внесување нова енергија во структурите на ВМРО-ДПМНЕ.

Loading