ВАШИНГТОН КАНИ, ВЛАДАТА СЕЛЕКТИРА: КОЈ ЗАМИНА НА МОЛИТВЕНИОТ ПОЈАДОК

Македонска делегација на Националниот молитвен појадок во Вашингтон

Националниот молитвен појадок во Вашингтон е еден од најдолговечните и највлијателни политичко-општествени настани во Соединетите Американски Држави. Со децении наназад, на почетокот од февруари, тој собира неколку илјади високи државни функционери, политичари, религиозни лидери и јавни личности од целиот свет. Иако има духовен карактер, појадокот претставува и значајна дипломатска платформа – особено за помалите држави – за неформални средби, размена на ставови и лобирање кај клучни актери од американската и меѓународната политичка сцена.

КОЈ И КАКО ОДЛУЧУВА КОЈ ОДИ НА МОЛИТВЕНИОТ ПОЈАДОК ВО САД?

Националниот молитвен појадок во Вашингтон не е владин самит и не постои официјален список по кој државите ги бираат своите претставници.

Поканите доаѓаат директно од американските организатори, а секој функционер или поранешен носител на функција добива индивидуална покана. Тоа значи дека Владата не одлучува кој ќе оди, туку само може да ја координира агендата доколку повеќе поканети од иста земја престојуваат во Вашингтон во исто време.

На настанот, освен актуелни министри и пратеници, често се појавуваат и поранешни функционери и дипломати, бидејќи појадокот има неформален, но влијателен карактер и важи за место каде се отвораат дипломатски канали и се води лобирање зад затворени врати.

Иако поканите за Националниот молитвен појадок ги испраќаат американските организатори, за актуелните функционери конечната одлука дали посетата ќе биде реализирана како службена ја носи Владата.

На овогодинешниот настан, кој се одржува во хотелот Хилтон во Вашингтон, учествува и македонска делегација составена од високи државни и владини претставници. Македонија ја претставуваат претседателот на Собранието Африм Гаши, неговите заменици Антонио Милошоски и Јован Митрески, министрите Златко Перински и Стефан Андоновски, како и генералниот секретар на Владата. На списокот на поканети се наоѓа и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, заедно со други екс-функционери и дипломати од земјава. Се очекува на појадокот да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.

Поканата за молитвениот појадок, претседателот на Собранието ја искористи и за неколкудневна работна посета на САД, во чии рамки оствари низа средби со високи претставници на американските институции и меѓународни организации, со цел унапредување на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.

Како што информираат од Собранието, Гаши и делегацијата оствариле средба со заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Даниел Лотон, на која било потврдено стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија, засновано врз заеднички демократски вредности, борбата против корупцијата и заложбите за мир и меѓународна стабилност.

Претседателот на Собранието се сретнал и со конгресменката Клаудија Тени, копретседателка на парламентарната група за Северна Македонија во Конгресот на САД. Во фокусот на разговорите биле стратешкото партнерство меѓу двете земји, улогата на американскиот Конгрес во стабилноста на регионот, како и придонесот на Северна Македонија како членка на НАТО, со посебен акцент на значењето на американското лидерство за безбедноста на Западен Балкан.

Во рамки на посетата, Гаши остварил средби и со претставници на меѓународни организации кои со години ги поддржуваат демократските процеси во земјава – Меѓународен републикански институт (ИРИ) и Национален демократски институт (НДИ). На средбите со Даниел Твајнинг, Стивен Никс, Тамара Витес и Скот Бејтс, било разговарано за продлабочување на соработката, јакнење на парламентарните капацитети, дигитализацијата, транспарентноста и приближувањето на Собранието до граѓаните.

Своја агенда во Вашингтон имаат и министрите од македонската делегација. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оствари работна средба со Рас Хидли, раководител на Бирото за сајбербезбедност и дигитални политики при Стејт департментот на САД. На средбата била потврдена заедничката заложба за унапредување на билатералната соработка во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста, со фокус на безбедна инфраструктура, доверливо институционално поврзување и привлекување американски инвестиции во овие стратешки сектори.

Националниот молитвен појадок и оваа година ја потврдува својата улога не само како симболичен настан, туку и како важна дипломатска можност за зајакнување на меѓународните партнерства и позиционирање на државите на глобалната политичка сцена.

Loading