На вчерашното судење за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани беа изнесени вознемирувачки сведоштва од пожарникари и повредени лица, додека родителите на загинатите јавно изразија сомнежи за притисок и влијание врз сведоци во судската постапка.
Двајца пожарникари, кои интервенирале кобната ноќ, сведочеа дека повикот за пожарот го добиле околу 2:35 часот. При пристигнувањето пред дискотеката имало густ чад, без видлив пламен. Тие истакнаа дека најтешко било извлекувањето на младите, кои биле заглавени и испреплетени едни со други, најмногу кај влезната врата, билетарата и тоалетите.

Командирот на противпожарната единица опиша сцени со голем број повредени и починати лица, посочувајќи дека во објектот имало хидрант, но без вентил, што сериозно го отежнало гасењето. Според сведочењата, во внатрешноста биле затекнати и целосно изгорени тела.
На вчерашното рочиште сведочеа и двајца повредени во пожарот, кои изјавија дека билетите за влез ги купиле од билетарата на дискотеката, без да им биде издадена фискална сметка. Тие пред судот кажаа дека настрадале при стампедото што настанало при обидот за излез.
Една од сведочките опиша дека плафонот во дискотеката бил спуштен и веќе делумно изгорен кога започнала паниката. Таа паднала во гужвата и се разбудила на паркингот, со изгореници на неколку делови од телото.

Пред почетокот на вчерашното судење, мајка на едно од загинатите деца изјави дека братот на сопственикот на дискотеката, кој се наоѓа во притвор, преку мобилен телефон и Viber комуникација вршел притисок врз сведоци. Таа побара надлежните институции да ја проверат наводната комуникација.
Одбраната побара запирање на постапката за дел од осомничените, со образложение дека тие не биле присутни кобната вечер и немале директна одговорност. Според адвокатот, пиротехниката била донесена и подготвена од музичката група.
Вчерашното рочиште беше прекинато поради влошување на здравствената состојба на сопственикот на објектот, поради што последниот сведок не беше сослушан. Наредното судење е закажано за 19 февруари.
![]()

