Опозициската СДСМ остро реагира на кадровските одлуки донесени на вчерашната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека наместо најавените промени, партијата се враќа кон стари и спорни практики.
Во реакцијата се посочува дека изборот на Драган Ковачки за генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е сигнал за, како што наведуваат, повторно зајакнување на влијанието на безбедносните служби во партијата. Според СДСМ, станува збор за лице кое не ги исполнувало условите за НАТО безбедносен сертификат, а сепак сега е поставено на една од клучните позиции во партиската хиерархија.

Дополнително, опозицијата реагира и на изборот на Томовски за организациски секретар, тврдејќи дека неговата улога ќе биде поврзана со контрола и „организација“ на тендери, потсетувајќи на, како што велат, 161 тендер добиен од семејна фирма поврзана со него.
„ВМРО-ДПМНЕ се враќа во времето кога службите беа главни во партијата додека се спроведуваше грабежот на државата“, се наведува во соопштението на СДСМ. Во таа насока, се споменува и вицепремиерот Стоилковиќ, кој според партијата со години бил поврзуван со странски разузнавачки структури и анти-ЕУ пропагандисти.
„Со овие одлуки, кругот е целосно затворен – наместо нови лица, граѓаните повторно гледаат стара банда“, порачуваат од СДСМ.
![]()

