ЗАКОН КОЈ ЌЕ ПОМЕСТИ МНОГУ ФОТЕЛЈИ?

По првичните реакции од јавноста и невладиниот сектор во врска со Предлог-законот за висока раководна служба, министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостување во Дневникот на Сител телевизија истакна дека станува збор за суштинска и долгоочекувана реформска мерка, која воведува јасни правила, професионализам и одговорност во јавниот сектор.

„Овој закон е дел од реформската агенда на државата повеќе од седум години. За првпат се нуди јасно и применливо решение кое ги опфаќа раководните и извршните функции во околу 100 институции и воспоставува транспарентни критериуми и постапки за избор“, нагласи Минчев.

Предлог-законот е изработен од интерресорска работна група предводена од Министерството за јавна администрација, со учество на Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.

Според министерот, законот се однесува исклучиво на директорите, заменик-директорите, членовите на управните одбори и државните секретари – позиции кои имаат клучна улога за институционалната стабилност и континуитет во работата на институциите.

Клучните новини се содржани во три основни пункта:

  • воведување мерит-систем со јасна постапка и критериуми за избор,

  • рационализација на управните одбори,

  • строга регулација на вршителите на должност (В.Д.).

Минчев посочи дека бројот на членови во управните одбори ќе биде ограничен на максимум три, со што ќе се овозможат значителни заштеди во државниот буџет и ќе се прекине досегашната пракса на нефункционални и преобемни управни тела.

„Со овој закон се става крај на злоупотребата на В.Д. функциите, кои со години се користеа како механизам за заобиколување на системските решенија. Наместо привремени и политички решенија, воведуваме јасна, законска и професионална постапка“, истакна министерот.

Тој нагласи дека целта на законот е создавање професионална, департизирана и ефикасна јавна администрација, во која напредувањето ќе се темели исклучиво на знаење, искуство и резултати.

Loading