Нов член на Судскиот совет ќе се бира по нов закон со јавна расправа
Нов член на Судскиот совет ќе се избира по нови, построги правила утврдени со Законот за Судски совет, кој беше донесен неколку дена пред почетокот на 2026 година. Клучната новина е задолжителната јавна расправа, на која кандидатите јавно ќе се претстават и ќе одговараат на прашања од пратениците и граѓанскиот сектор.
Ова ќе биде првпат член на Судскиот совет кој не доаѓа од редот на судиите јавно да се презентира пред собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по модел сличен на изборот на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Огласот за избор, кој беше објавен во Службен весник пред неколку дена, е наменет за истакнати правници – универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, судии на меѓународни судови и други правни експерти со висок професионален углед.

Кој може да се кандидира?
Според условите утврдени во новиот закон, кандидатите треба:
-
да се дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство и положен правосуден испит, или
-
да се универзитетски професори по право со најмалку седум години работно искуство;
-
да имаат докажана научна и стручна работа поврзана со правосудството;
-
да имаат јавно делување во заштита на владеењето на правото, независноста на судството и човековите права;
-
да уживаат висок професионален и јавен углед, поткрепен со најмалку три препораки од професори по право, адвокати или судии на Уставниот или меѓународни судови.

Кој не може да биде член?
За член на Судскиот совет не може да се кандидира:
-
актуелен судија или јавен обвинител,
-
лице кое било разрешено од судиска или обвинителска функција,
-
пратеник кој ја извршувал функцијата во последните четири години,
-
член на Владата или функционер во политичка партија.
Работна група со учество на граѓанскиот сектор
Паралелно со огласот, Собранието распиша и јавен повик за избор на членови на работна група која ќе учествува во селекцијата на кандидатите. Повикот е упатен до Здружението на судиите, Адвокатската комора и организации од граѓанскиот сектор кои работат во областа на владеењето на правото и правосудството.
Од секој од овие субјекти ќе биде избран по еден претставник во работната група што ќе ја формира собраниската Комисија за избори и именувања.

Претходен обид по стариот закон
Инаку, уште на 11 декември, пред да биде донесен новиот закон, Собранието по старите правила распиша оглас и го предложи Селим Адеми за член на Судскиот совет. Предлогот дојде од коалицискиот владин партнер „Вреди“, но по силни реакции во јавноста, тој никогаш не беше ставен на гласање.
Со новиот Закон за Судски совет, законодавецот прецизно ги дефинира критериумите за тоа кој може да се смета за „истакнат правник“, воведе задолжителна јавна расправа при изборот и обезбеди поголема транспарентност и јавност и при разрешување на претседателот на Судскиот совет.
![]()

