Мицкоски: Не знам дека марихуаната запленета во Србија потекнува од Македонија, ниту МВР има такви информации
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема информации оти петте тони марихуана запленети во Србија биле изнесени од Македонија, посочувајќи дека ниту Министерството за внатрешни работи располага со такви сознанија. Тој ја повика новинарката која го постави прашањето, доколку има конкретни докази, да даде исказ во Јавното обвинителство.
Изјавата следи по големата полициска акција во која досега се запленети околу 40 тони марихуана, масло од канабис (полупроизвод) и биомаса од правни лица кои се занимаваат со производство на канабис. Мицкоски не ја исклучи можноста до крајот на акцијата количината на запленета марихуана да достигне и до 100 тони.

Премиерот најави дека на следната владина седница ќе биде донесена одлука за спроведување проверки во сите правни субјекти кои работат во оваа дејност, нагласувајќи дека законот мора строго да се почитува.
„Ние сметаме дека овие правни лица не го почитувале законот. Судот ќе го има последниот збор, но врз основа на досегашната истрага, количините се конфискувани и проверките ќе продолжат и кај други субјекти“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека македонската регулатива дозволува извоз на масло од канабис за медицински цели, но само доколку се исполнети сите законски и ГМП стандарди. Како спорен момент го посочи правилникот кој, според него, е во колизија со самиот закон и овозможувал одгледување и складирање канабис на начин кој не ги исполнува пропишаните норми.

„Не може отпад да се декларира како гранки и лисја, а во него да има тврдо пресуван цвет од канабис. Тоа е спротивно на сите стандарди“, рече премиерот, додавајќи дека истрагата ќе утврди дали станува збор за умисла или за системска злоупотреба.
На новинарско прашање како од државата би излегле пет тони марихуана и дали и останатите 40 тони биле наменети за шверц, Мицкоски одговори дека не постојат официјални податоци дека запленетата марихуана во Србија потекнува од Македонија и апелираше на внимателност во јавните изјави.
Според информациите од МВР, во акцијата биле запленети околу девет тони марихуана и над 1.300 шишиња масло од канабис во правно лице во Скопје, како и над 31 тон марихуана и биомаса од правни лица во источниот регион на државата.
![]()

