НИКОЛОСКИ ВОВЕДУВА РЕД: ТИВКО СЕ ГРАДЕШЕ, ГЛАСНО ЌЕ СЕ РЕШАВА

Министерот за транспорт Александар Николоски, кој во изминатиот период се наметна како еден од најангажираните и најодлучни членови на Владата, најави започнување постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје.

Како што информира Николоски, објектот е целосно бесправно изграден на државно земјиште, без градежна дозвола и спротивно на законските процедури. Во координација со Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на спортскиот аеродром „Стенковец“-Скопје, ќе биде покрената постапка пред Обвинителството и Судот за конфискација на објектот во корист на државата.

Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија – аеродроми, болници со терциерна здравствена заштита, објекти за високо образование, спортски сали, стадиони и друга државна инфраструктура – под водство на Николоски, во последниот период интензивно и системски работи на расчистување на долгогодишниот проблем со нелегалната градба.

„Имајќи предвид дека објектот е целосно нелегално изграден на државно земјиште, надлежните органи одлучија да побараат конфискација во корист на државата, со цел истиот да може да се користи од Агенцијата за цивилно воздухопловство за обука на пилоти и други стратешки потреби. Ова е јасна и недвосмислена порака дека нема да се толерира бесправна градба на локации каде државата има директна надлежност“, порача Николоски.

Од Аероклубот „Скопје“ претходно информираа дека во 2025 година поднеле две кривични пријави против поранешниот управител Дејан Саздовски, за бесправно градење и злоупотреба на службената должност. Според нив, објектот – ресторан на спортскиот аеродром „Стенковец“ – бил изграден без дозвола, на државно земјиште и без одлука на содружниците на Аероклубот.

Оттаму апелираат Владата, наместо уривање, да го стави објектот во функција на државата, односно да се пренамени во македонски воздухопловен школски центар за обука на пилоти и други воздухопловни специјалисти – чекор кој би одговорил на актуелниот недостиг од стручен кадар во оваа област.

Loading