Централното собрание на Движење Беса вчера вечер во Тетово донесе одлука за сопствено распуштање, со што официјално се отвора патот за целосно спојување на партиите од коалицијата ВЛЕН во еден заеднички политички субјект.
Лидерот на партијата, Билал Касами, по седницата изјави дека овој чекор е во насока на структурирање на ВЛЕН согласно веќе воспоставениот мораториум за индивидуални партиски активности.
„Ова е одлука што ја носиме со цел да изградиме силен и обединет политички субјект кој ќе функционира врз основа на правда и волјата на гласачите“, истакна Касами.
Тој доби овластување да ги продолжи разговорите за обединувањето, нагласувајќи дека е подготвен да преземе каква било обврска, доколку тоа биде заедничка проценка на партнерите во коалицијата. На новинарско прашање дали ќе застане на чело на новата партија, Касами одговори дека личните амбиции се во втор план во однос на интересите на гласачите и коалицијата.

Анализа на владините функционери
На состанокот била направена анализа и на работата на досегашните владини функционери од редовите на Беса. Според Касами, постои капацитет за многу повеќе работа од она што е реализирано досега.
Тој најави дека наодите од анализите ќе бидат земени предвид при претстојната реконструкција на Владата.
Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека мандатарот ја составува Владата, Касами потенцираше дека се почитуваат процедурите, но дека Беса има јасна позиција во рамки на коалицијата.
„Сè додека е политичка влада во која учествува Беса, како дел од ВЛЕН, Беса одлучува кој министер ќе биде предложен од нејзина страна“, изјави тој.

Лимани: Да се зачува единството
Процесот на евалуација го опфаќа и министерот Фатмир Лимани, кој пред седницата изјави дека за неговата позиција ќе пресудат реализираните проекти и резултатите во изминатите 16-17 месеци.
Лимани повика на разумност и зачувување на структурата на ВЛЕН, предупредувајќи дека секое нарушување на единството може да значи враќање назад и отворање простор за други политички структури во извршната власт.
Процесот на целосно обединување на коалицијата се очекува да продолжи во наредниот период, со конкретни чекори кон формирање единствен политички субјект.
![]()

