Јавна дебата за Предлог-законот за високо образование ќе се одржи денеска попладне на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, во присуство на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Станува збор за една од серијата јавни расправи што ги организира Министерство за образование и наука, со цел да се слушнат ставовите и предлозите на универзитетските професори и академската заедница во однос на предложените законски решенија.
Според најавите, на средбата ќе можат да присуствуваат сите професори кои сакаат да учествуваат во дискусијата, при што ќе бидат отворени и разгледани спорните членови од текстот на законот.

Законот достапен на ЕНЕР
Предлог-законот за високо образование е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, каде што заинтересираните можат да достават свои предлози, коментари и сугестии.
Покрај тоа, Министерството отвори и посебни електронски адреси за доставување мислења, како за овој закон, така и за Предлог-законот за квалитет во високото образование, кој исто така е ставен на јавна консултација преку ЕНЕР.
Министерката Јаневска пред три дена најави дека јавните дебати ќе продолжат и на другите универзитети низ државата, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес при носењето на новото законско решение.
![]()

