КОЈ БЕШЕ „ГЛАВНИОТ КАДИЈА“ ВО ДРЖАВАТА?

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ биле „главен кадија“ во државата, правосудството под политичка директива

Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, вчера на прес-конференција упати сериозни обвинувања за политичко влијание врз судството за време на владеењето на Зоран Заев и СДСМ.

Според Манасиевски, во тој период Македонија била „држава на еден човек“, каде што поранешниот премиер „бил и обвинител и судија и главен кадија“.

„Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека судиите и обвинителите не се бирале врз основа на закон и интегритет, туку според нивната послушност кон тогашната власт.

„Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени“, рече Манасиевски.

Манасиевски истакна дека членови на ВМРО-ДПМНЕ биле предмет на политички прогон, а притисоци трпеле и нивните семејства.

„Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв. Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила“, изјави тој.

Во своето обраќање, Манасиевски се осврна и на случајот со „мерцедесот“ и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Тој потсети на изјава од поранешен врховен судија, кој според него, јавно посочил дека Јанкулоска немала сторено кривично дело. Според Манасиевски, кога предметот стигнал до судијата, тој на рочиште зад затворени врати изјавил дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира со колегите.

„Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, свикана по насока на тогашната власт, судијата бил разрешен“, рече Манасиевски, додавајќи дека разрешувањето било поради непостапување по политичка директива.

Манасиевски порача дека „сведоштвата стануваат сè погласни“ и дека индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДСМ, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор.

Тој побара Јавното обвинителство да постапи и да ги испита наводите.

Loading