Русија ќе продолжи со зголемување на потенцијалот и борбената подготвеност на сите родови и служби на вооружените сили, изјави рускиот претседател Владимир Путин во видео обраќање по повод 23 Февруари – Денот на бранителите на татковината.
Во своето обраќање, Путин нагласи дека Москва ќе продолжи со зајакнување на армијата и морнарицата, при што како апсолутен приоритет го истакна развојот на нуклеарната тријада, оценувајќи ја како клучна гаранција за националната безбедност на земјата.
– Квалитативно ќе го зголемиме потенцијалот на сите останати родови и служби на вооружените сили, ќе ја подобриме нивната борбена подготвеност, мобилност и способност за дејствување во какви било, дури и во најтешки услови – најави Путин.
Според него, модернизацијата на воените капацитети ќе продолжи со засилено темпо, со фокус на современи технологии, подобрена логистика и поголема оперативна ефикасност на терен.
![]()

