На вчерашното рочиште (25 февруари 2026) за случајот со пожарот во Кочани, адвокатот Петре Шилегов побара судот да ја прекине постапката, оценувајќи дека е нарушен принципот на еднаквост и рамноправност на обвинетите. Според него, постојат „двојни аршини“ во однос на тоа за кого се бара и определува притвор, а за кого – не, посочувајќи дека јавноста не ја знае „методологијата“ според која се носат обвинителските проценки.
Во судница, Шилегов нагласи дека, според неговите ставови, не може за ист кривично-правен настан да има едно правно мислење за едни, а сосема поинакво за други, оценувајќи дека ваквата состојба сериозно ја загрозува рамноправноста на обвинетите. Во своето образложение направи паралела и со случајот на Артан Груби и мерката куќен притвор.

По предлогот на одбраната, од Јавното обвинителство реагираа дека не можат да се изјаснат по вакво барање, додека судот го отфрли предлогот за прекин на постапката.
Реакција имаше и од родителите на настраданите, кои побараа процесот да ја добие својата динамика и да се утврди одговорност. „Не сме тука за одмазда, тука сме за одговорност… Ова е прашање за безбедноста. Денес бараме правда за нашите деца, утре ова може да биде прашање на безбедност за секое дете во оваа држава“, изјави Александар Наунов.

Како прв сведок на вчерашното рочиште сведочеше придружниот вокал на групата ДНК, Ана Костадиновска. Таа изјави дека не знаела кој ја инсталирал пиротехниката, а по забележувањето на пожарот се обидела да излезе преку врата покрај бината, која, според нејзиното сведочење, била заклучена со катанец. Потоа се упатила кон главниот излез, каде настанало стампедо и се појавил густ чад. Костадиновска опиша дека паднала во близина на излезот и дека со други лица останале заглавени кај вратата.
Инаку, во судница адвокатката на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, побара тој да биде преместен и притворот да го издржува во затворот „Идризово“, наведувајќи „нечовечки и понижувачки однос“ од затворскиот персонал во затворот во Куманово.
![]()

