Хотелскиот комплекс „Горица 3“, поврзуван со бизнисменот Сашо Мијалков, влегува во финалната фаза пред отворање, но граѓанските активисти не се откажуваат од барањето за негово стопирање. Од иницијативата Охрид СОС повторно алармираат за, како што велат, сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции и најавуваат дека за случајот ќе го известат и Центарот за светско наследство при УНЕСКО.

Во нивниот допис тие реагираат на образложението во Извештајот доставен до УНЕСКО, во кој како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ бил урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба издадено во 2012 година, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029).
Според Охрид СОС, ваквото образложение не ја отсликува реалната состојба и не е во согласност со обврските што произлегуваат од Планот за управување. Тие посочуваат дека со неговото донесување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се усвоени, мора да се применуваат во согласност со новите услови, режими на заштита и ограничувања.
Активистите се повикуваат и на одлука на Уставниот суд, со која, како што наведуваат, е утврдено дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнале во 2024 година, четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена веќе е обврзувачка.
Од Општина Охрид, пак, остануваат на ставот дека објектот ја поседува целосната и валидна документација за градба, при што постапките биле водени уште во 2010 година.
Граѓанските организации потсетуваат дека проблемот не се однесува само на овој хотел, туку и на други дивоградби во регионот. Според нив, досега ниту една од бесправно изградените објекти не е срушена, што е спротивно на препораките на УНЕСКО. Андријана Башоска од иницијативата „Глас за спас на Охрид“ истакнува дека институциите не постапуваат согласно меѓународните обврски за заштита на Охридскиот Регион.
Од Охрид СОС особено загрижува и фактот што, како што велат, не е испочитувана експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
Активистите најавуваат дека ќе продолжат со правната и институционалната борба со цел, како што велат, да се спречи понатамошна деградација на природното и културното наследство на Охрид.
![]()

