СУДИЈАТА ШТО ОДЛУЧУВАШЕ ЗА ПРИТВОРИ ВО „27 АПРИЛ“ ПРЕДЛОЖЕН ЗА ГЛАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Судијата во Одделот за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, Ненад Савески, е предложен од Владата за нов републички јавен обвинител. Станува збор за долгогодишен правосуден кадар кој зад себе има кариера како судија, јавен обвинител и правен експерт во повеќе домашни и меѓународни проекти.

Савески судиската функција ја извршува од 2016 година во Основниот кривичен суд Скопје, каде постапува по предмети поврзани со организиран криминал и корупција. Пред да стане судија, седум години работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство.

Во јавноста е познат по учеството во неколку предмети со висок јавен интерес. Во моментов го води повтореното судење против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Во минатото одлучуваше и за мерките за притвор во предметот поврзан со настаните од „27 април“, кога за дел од осомничените беше определен ефективен притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, додека за други беа изречени мерки куќен притвор.

Неговото име се споменуваше и во 2017 година, кога дел од медиумите објавија дека преку неколку судии во Кривичниот суд, меѓу кои и Савески, потешко поминувале мерките и барањата предложени од Специјалното јавно обвинителство против функционери осомничени за криминал.

Ненад Савески е роден на 22 јули 1976 година во Гостивар, каде и живее. По националност е Македонец, оженет и татко на три деца.

Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде подоцна магистрирал по казнено право. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.

Професионалната кариера ја започнал како судски приправник во Основниот суд во Гостивар од 2000 до 2002 година. Потоа работел како стручен соработник во истиот суд до 2009 година, кога бил избран за јавен обвинител – функција што ја извршувал седум години.

Покрај судиската работа, Савески има и меѓународни и експертски ангажмани. Бил експерт во мисијата на ОБСЕ во Македонија и учесник во Националната конвенција за Европската Унија во рамки на Поглавје 23, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права.

Како експерт бил вклучен и во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, каде работел на теми поврзани со посебните истражни мерки, притворот и кривичната постапка.

Во академската сфера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, каде учествува во обуката на идни судии и обвинители. Тој е и национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач во областа на човековите права и кривичното право.

Автор и коавтор е на повеќе научни трудови и публикации поврзани со посебните истражни мерки, слободата на изразување, клеветата и навредата, конфискацијата на имот и правото на приватност. Во периодот од 2022 до 2024 година учествувал и како коавтор на повеќе стручни водичи и публикации.

Освен македонски, зборува англиски и германски јазик, а има познавања и од српско-хрватски и основно ниво на албански јазик.

Loading