ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА ОД „БИХАЌКА“: ДАЛИ МИЦКОСКИ ЈА ЛАЖЕ ЈАВНОСТА?

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ)  обвини дека политиките на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се засноваат на лаги, како во однос на прашањето за името, така и за европската перспектива на државата.

На прес-конференција од партиското седиште на „Бихаќка“, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека Мицкоски излажал за повеќе клучни прашања, меѓу кои и ветувањата дека ќе го поништи Преспанскиот договор и дека никогаш нема да го користи името „Северна“.

„Како што лажеше за името, сега лаже и за ЕУ. Неговата измислена приказна за влез во ЕУ без право на глас пропадна. Граѓаните знаат дека европската перспектива на државата е реална и достижна, но Мицкоски ја турка Македонија во изолација“, рече Кузеска.

Според неа, премиерот само декларативно се залага за членство во Европската Унија, додека во пракса, како што вели, неговите политики ја оддалечуваат државата од европскиот пат.

Кузеска се повика и на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која предупредила на токсичните влијанија на Русија во земјава и испратила порака дека во Европската Унија нема место за „тројански коњи“.

„За жал, Македонија денес има токму таков пример со ВМРО, со нивниот вицепремиер кој има средби со ‘Ноќните волци‘ на Путин, со врските со Москва, со нивната сестринска партија СНС и со кинеските пари. Европа не прифаќа тројански коњи во своите редови“, изјави Кузеска.

Таа наведе и неколку примери кои, според СДСМ, покажуваат дека зборовите на Мицкоски не се исполнуваат.

„Јавно кажа дека доколку се открие поврзаност меѓу ВМРО и агенцијата за обезбедување од дискотеката ‘Пулс‘ ќе си даде оставка. И за тоа излажа. Велеше и дека како советник на Никола Груевски работел про боно – уште една лага. Рече дека трајно ќе се повлече од политиката ако се појават мигранти, односно економски работници – и за тоа излажа“, рече таа.

Според СДСМ, последна лага, како што тврдат, се и ветувањата на премиерот за повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните.

Loading