АПСУРД ВО СУДНИЦА: СТАНАЛ УПРАВИТЕЛ, А „НЕ ЗНАЕ“ КАДЕ Е СЕДИШТЕТО НА ФИРМАТА!

Сведокот Трајче Димишковски денеска го продолжи сведочењето во судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, трагедија во која загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.

Димишковски бил вработен во агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, која заедно со нејзините сопственици и дел од вработените е меѓу обвинетите за трагедијата што се случи на 16 март минатата година.

Во текот на сведочењето тој изјави дека не знае каде се наоѓало седиштето на агенцијата, иако претходно кажа дека тој ги земал налозите за плати и ги носел во банка.

„Не знам да ви кажам каде е седиштето. Не знам каде им се канцелариите“, рече сведокот по неколку секунди размислување.

Обвинителството во текот на распитот се обиде да утврди каква била улогата на обвинетиот Александар Нацев во агенцијата. Според обвинението, Нацев бил вистинскиот газда на „Рубикон“, додека обвинетиот Јане Јанчески бил сопственик само формално.

Сепак, сведокот тврдеше дека не знае каков статус имал Нацев во фирмата.

„Понекогаш доаѓаше како на испомош. Ни даваше координации како да се распоредиме за обезбедување на настани – концерти, фестивали и слично“, рече Димишковски.

Тој потврди дека Нацев држел и обуки за обезбедувачите, најчесто во Скопје, на кои се зборувало за однесување на обезбедувањето, како и за постапување во ситуации со малолетници и недозволени супстанции.

Сведокот изјави дека униформата ја добил од обвинетиот Јанчески, кој, според него, најчесто им ги давал и плановите за обезбедување.

На прашањата за Вибер-групата во која комуницирале вработените, Димишковски рече дека не се сеќава кој ја формирал, ниту дека Александар Нацев бил дел од неа.

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува на 17 март.

Претходно сведочеше и инспекторот Дарко Стојков од Дирекцијата за заштита и спасување, кој детално ги објасни пропустите во системот за контрола на објектите. Тој посочи дека во Кочани со години немало инспектор за заштита и спасување, па затоа не бил извршен надзор во дискотеката пред трагедијата.

Според неговото сведочење, при увидот по пожарот биле констатирани бројни пропусти: само два противпожарни апарати, празен хидрант без вода, заклучена задна врата со катанец, како и отсуство на панично осветлување и услови за евакуација.

Loading