ПЕТРОВСКА ГО „ПРОЗВА“ ФИЛИПЧЕ: МЕСТОТО НА СИТЕ ПРАТЕНИЦИ БЕШЕ ВО СОБРАНИЕТО!

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во вчерашното гостување во „24 Анализа“ изјави дека местото на сите пратеници кои денеска отсуствувале од комеморативната седница во Собранието, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, било во собраниската сала.

Петровска истакна дека и самата забележала одредени пропусти во организацијата на комеморацијата, но нагласи дека не верува оти тие биле намерни. Таа додаде дека доколку родителите на загинатите се почувствувале навредени, лично би се извинила.

„Јас во животот сум присуствувала на многу комеморации. Првото нешто што недостигаше денеска во собраниската сала беа фотографиите на загинатите. Не сакам да навлегувам во детали, бидејќи не сум била дел од организацијата. Но, ако имало пропусти од ова што го кажуваат родителите – можно е да имало, но не верувам дека биле намерни. Јас би можела лично, од мое име како пратеник и како една од 120, да им се извинам на родителите и да знаат дека не ни беше целта никого да навредиме“, изјави Петровска.

Таа посочи дека кога била известена за седницата немала никаква дилема дека комеморативната седница за загинатите во Кочани треба да има приоритет пред сите други обврски.

„Кога бевме известени за седницата лично немав дилема дека овој ден треба да биде посветен на комеморативната седница и сè друго што имав како обврски да го откажам. Не доаѓа во предвид нешто да биде пред оваа седница“, рече Петровска.

Во однос на отсуството на одредени пратеници, меѓу кои и Венко Филипче, таа истакна дека не знае зошто не присуствувал на седницата.

„Сметам дека на секој еден пратеник местото денеска му беше во таа сала. Не беше само Венко Филипче отсутен, имаше и повеќе други пратеници кои не беа присутни. Конкретно не знам зошто не беше Филипче на седницата. Можете да прашате во партијата, а во понеделник имаме координација и ќе се обидам да го поставам тоа како прашање“, изјави Петровска.

Loading