ТЕНЗИИ ДО МАКСИМУМ: Гаши му ВРАТИ на Костадиновски – КОЈ КОМУ ДРЖИ ЛЕКЦИИ?

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати порака до првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, дека институциите треба да се фокусираат на сопствените надлежности, во услови на засилени несогласувања околу почитувањето на роковите и одлуките на Судот.

Тензиите меѓу двете институции се продлабочија по забелешките на Костадиновски дека законодавниот дом не постапува по одлуките на Уставниот суд, особено во делот на измените на Кривичниот законик и Законот за електронски комуникации. Дополнителен повод за реакција беа и неговите ставови во врска со проектот „Безбеден град“, каде што посочи дека нема потреба известувањата да се испраќаат и на албански јазик.

Гаши, на средба со новинарите, истакна дека како носител на висока јавна функција се труди да избегнува конфликти со други институции, но апелираше на внимателност, особено кога се работи за чувствителни теми поврзани со меѓуетничките односи.

„Секој функционер треба да биде свесен за тежината на своите изјави, особено кога тие допираат до прашања што се важни за стабилноста на државата“, нагласи Гаши.

Во однос на оценката дека Собранието е „уставно недисциплинирано“, тој посочи дека институцијата работи согласно Уставот, законите и Деловникот, и дека критиките се легитимен дел од демократскиот процес, но не треба да преминуваат во меѓуинституционални конфликти.

Според него, процесот на донесување закони не зависи исклучиво од Собранието, туку и од Владата и ресорните министерства кои ги предлагаат законските решенија. Тој додаде дека станува збор за комплексни законски текстови кои бараат сериозна експертиза и координација.

Од друга страна, Костадиновски во јавен настап посочи дека законодавниот дом не ги испочитувал дадените рокови, и покрај тоа што Уставниот суд дал повеќе можности за усогласување. Тој истакна дека во иднина може да се избегнува практиката на интерпретативни одлуки и да се применуваат построги механизми со одложено дејство, поради, како што рече, непочитување на Судот.

Loading