Политичките тензии меѓу најголемите партии добиваат нова димензија, откако од СДСМ излегоа со обвинувања за, како што велат, организиран обид за нивно внатрешно дестабилизирање. Според партијата, станува збор за стратегија која има за цел да предизвика раздор и слабеење на нивните редови.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека зад таканаречената „платформа“ стои ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја владејачката партија за директно мешање во внатрешните процеси на опозицијата.
Таа оцени дека ваквите активности се реакција на, како што тврди, обелоденување на сомнителни бизнис-релации во енергетскиот сектор поврзани со актуелната власт.

„Станува збор за координиран обид за дефокус на јавноста и создавање внатрешна нестабилност во СДСМ. Оваа ‘платформа’ не е случајна, туку е дел од поширока стратегија“, изјави Кузеска.
Во своето обраќање, таа се повика и на анкети за кои тврди дека потекнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, а кои, според неа, покажуваат намалување на поддршката за власта и позитивен тренд кај СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека, и покрај овие случувања, нивната внатрешна кохезија останува стабилна.
„Обидите за разнебитување на СДСМ нема да успеат. Партијата е консолидирана и подготвена да продолжи со политичката борба и разобличување на криминалот“, порача Кузеска.
![]()

