Премиерот Христијан Мицкоски од Брисел информираше дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ активно учествува на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржува по повод 50-годишнината од формирањето на оваа политичка групација.
Во рамки на дводневните активности, покрај свеченото одбележување, се одржува и состанок на лидерите на партиите членки, на кој се отвораат клучни теми за иднината на Европа. Меѓу нив се економските предизвици, безбедносните прашања и глобалните кризи, вклучително и војната во Украина, како и состојбите на Блискиот Исток.
Мицкоски истакна дека еден од главните приоритети на македонската делегација е процесот на проширување на Европската Унија. Според него, тоа прашање има особено значење за земјата, заедно со потребата да се презентираат реформите што Владата ги реализирала во изминатиот период.
Тој нагласи дека ваквите средби се важна можност за позиционирање на Македонија во европскиот политички контекст и за продлабочување на соработката со партнерите од ЕПП.
![]()

