На вонредна седница одржана вчера, Владата донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 проценти, како одговор на зголемените цени на енергенсите.
Според најавите, мерката ќе започне да се применува од полноќ и ќе важи во наредните две недели. Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека, во комбинација со попустите што веќе ги нудат дел од бензинските станици, граѓаните ќе точат гориво по пониски цени веќе од вторник.

Пресметките покажуваат дека со оваа мерка државата ќе се откаже од приближно 7 денари по литар гориво во корист на граѓаните. Ако се земе предвид дека дневната потрошувачка изнесува околу 1,6 милиони литри, тоа значи дека за период од две недели буџетот ќе биде пократок за речиси 3 милиони евра.
Од Владата посочуваат дека ова не е единствена опција на маса. Доколку ценовната криза продолжи, можно е дополнително намалување на акцизите, како и интервенција во делот на трговските маржи.
Во однос на цените на основните прехранбени производи, надлежните информираат дека состојбата се следи секојдневно. Во случај на нови ценовни шокови, не се исклучува воведување на дополнителни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
![]()

