Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на одлуката за отпуштање на петмина вработени Албанци во Министерството за односи меѓу заедниците, оценувајќи дека случајот отвора сериозни дилеми за законитоста и начинот на функционирање на институциите.
Од партијата посочуваат дека, според достапните информации, дисциплинската постапка е спроведена надвор од предвидените законски рокови, што, како што велат, ја доведува во прашање нејзината правна валидност. Дополнително, се укажува дека одлуките биле донесени без доволно аргументирани докази и без јасно утврдување на индивидуална одговорност кај засегнатите лица.
Во реакцијата се нагласува и сомнежот дека дел од образложенијата биле конструирани накнадно, со цел да се оправда веќе донесена одлука, додека самата мерка – престанок на работен однос – се оценува како непропорционална во однос на наводите.
ДУИ предупредува дека ваквиот пристап може да укаже на арбитрарно одлучување, особено кога се носат одлуки без почитување на процедурите, без јасна доказна основа и со значајни последици за вработените.

„Фактот дека се работи за припадници на албанската заедница го прави случајот дополнително чувствителен, особено имајќи ја предвид улогата на институцијата која треба да ги унапредува меѓуетничките односи“, велат од партијата.
Тие бараат целосна транспарентност, вклучително и објавување на сите документи и постапки поврзани со случајот, како и независна институционална проверка за тоа дали биле почитувани законските процедури. Воедно, се бара итно преиспитување на донесените одлуки во согласност со важечките прописи и принципите на јавната администрација.
Од ДУИ оценуваат дека ваквите случаи претставуваат тест за кредибилитетот на институциите и нивната посветеност кон владеењето на правото, еднаквоста и правната сигурност на граѓаните.
![]()

