Премиерот на Христијан Мицкоски денес престојува во официјална политичко-економска посета на Унгарија, каде што во Будимпешта ќе оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Главниот фокус на разговорите меѓу двајцата премиери ќе биде насочен кон унапредување на билатералните односи, засилување на економската соработка, како и размена на ставови за актуелните регионални и европски прашања.

По средбата, Мицкоски ќе учествува на бизнис-форумот „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Северна Македонија“, каде што се очекува да се отворат нови можности за поврзување на компаниите од двете земји и продлабочување на економските партнерства.
Во рамки на посетата, премиерот ќе има свое обраќање пред присутните бизнис-претставници, со акцент на инвестициските потенцијали и можностите за соработка.
Во состав на владината делегација се и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и повеќе директори на институции поврзани со инвестиции, индустриски развој и иновации.
Посетата се смета за важен чекор во насока на зајакнување на економските врски и отворање нови перспективи за соработка меѓу двете земји.
![]()

