ДАЛИ ОСМАНИ ИМ КАЖА НА СТРАНЦИТЕ ДЕКА СТУДЕНТИТЕ ДЕМОНСТРИРАА ДИСТАНЦА ОД ДРЖАВНИОТ СИМБОЛ?

Во домашната политика, кога работите ќе станат незгодни, секогаш има една проверена алатка – писмо до странство. Бујар Османи повторно ја активираше таа дипломатска навика, како да се работи за редовен извештај, а не за внатрешен проблем што бара решение дома. Но, останува отворено прашањето – дали во тоа писмо до меѓународната заедница Османи им објасни и дека идните судии, адвокати и обвинители не го веат државното знаме, или тие детали не се дел од „преводот“ што оди надвор? Бидејќи, ако веќе се раскажува приказната, ред е да биде целосна – или барем искрена.

Потпретседателот на ДУИ соопшти дека испратил писмо до претставници на меѓународната заедница во врска со студентските протести што се одржаа во Скопје, на кои студентите го изразија своето незадоволство поради неможноста правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

Во писмото, Османи наведува дека Владата погрешно ја интерпретира природата на протестите, оценувајќи ги како политички мотивирани. Според него, ваквото претставување не ја одразува реалната состојба, бидејќи станува збор за прашања поврзани со практичната примена на веќе постојните права.

Дополнително, тој посочува дека се прават погрешни толкувања на мислењето на Венецијанската комисија од март 2025 година. Како што вели, документот не се однесува на ограничување на јазичните права, туку на практичните аспекти на нивната имплементација, како што се финансиските и логистичките предуслови, кои се оценети како минимални стандарди.

Османи додава дека е важно комуникацијата со меѓународните партнери да се темели на факти и објективно претставување на состојбите, особено во период кога, според него, е неопходна целосна имплементација на правата.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ги информирала НАТО и Европска Унија за, како што рече, обиди за дестабилизација од страна на опозицијата за време на протестите.

Според Мицкоски, присуството на опозициски активисти и функционери му дало политичка конотација на протестот, што, според него, укажува на поширок контекст од самите студентски барања.

Додека политичките пораки се разменуваат и дома и надвор, студентските барања остануваат во сенка на меѓусебните обвинувања, без јасен исход или конкретно решение.

Поврзани вести:

ЗНАМЕТО КАКО ЛИНИЈА НА ПОДЕЛБА: ИНТЕГРАЦИЈА ИЛИ ОДВОЈУВАЊЕ?

Loading