Политичката сцена повторно наликува на лошо режирана театарска претстава — со исти актери, предвидлива драма и добро познато сценарио: кој зборува, на кој јазик и кој има право да го прекине другиот. Наместо конкретни решенија за граѓаните, јавноста вчера доби уште една епизода од институционален судир, овојпат со фокус на употребата на албанскиот јазик.
Во Собрание на Република Северна Македонија, седницата на Комисијата за еднакви можности за жени и мажи беше прекината по остар вербален судир меѓу пратеничката Илире Даути и потпретседателката на комисијата Весна Ѓорѓиева.

Даути реагираше дека материјалите за седницата не ѝ биле доставени на албански јазик, што според неа претставува директно прекршување на законските одредби и принципите на еднаквост. Таа истакна дека без обезбедени преводи, седницата не може да продолжи, обвинувајќи за дискриминација и „психолошко понижување“ на албанските пратеници.
„Не може да зборуваме за еднаквост, а во исто време да се игнорира употребата на јазикот,“ посочи Даути, инсистирајќи дека процедурата мора да се почитува пред да продолжи дискусијата.
Од друга страна, Ѓорѓиева ја прекина пратеничката, нагласувајќи дека нема добиено збор и обвини дека ваквото однесување е обид за политичка корист.
„Ова не е место за политички поени, туку за конструктивна дебата,“ возврати таа.
Тензијата дополнително се зголеми кога Даути одби да ја напушти говорницата и посочи дека документот, потпишан од министерот Фатмир Лимани, е достапен само на македонски јазик. Таа упати критики и кон претседателот на Собранието, Африм Гаши, за наводно непостапување по прашањето за употребата на албанскиот јазик.
По кратка, но бурна расправа, седницата беше прекината. Комисијата направи пауза со цел да се обезбедат и отпечатат материјалите на албански јазик, по што се очекуваше продолжување на работата.
![]()

