ДОДЕКА ФОКУСОТ БЕШЕ НА СТУДЕНТСКИТЕ ПРОТЕСТИ – ВЛАДАТА ГО УСВОИ ЗАКОНОТ ЗА ПРАВИЧНА ЗАСТАПЕНОСТ
По години дебати, критики и политички несогласувања околу начинот на вработување во јавниот сектор, државата прави нов обид да воспостави пофер и поефикасен систем. Со усвојувањето на законот за правична и соодветна застапеност, Владата сигнализира пресврт – од модел базиран на етнички квоти кон пристап што во прв план ги става знаењето и компетентноста, но без да ја занемари потребата од баланс меѓу заедниците. Останува прашањето дали ова законско решение ќе донесе вистински промени или ќе отвори нова рунда политички и општествени дилеми.
Владата го усвои новиот закон за правична и соодветна застапеност, со кој се воведува нов систем за вработување во јавниот сектор, заменувајќи го досегашниот механизам познат како „балансер“. Овој чекор доаѓа по неговото укинување од страна на Уставниот суд во октомври 2024 година.
Според првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, новото законско решение има за цел да воспостави рамнотежа помеѓу правичната застапеност и професионалните критериуми во администрацијата. Тој нагласи дека клучен приоритет ќе бидат квалификациите, стручноста и компетентноста на кандидатите, додека припадноста кон одредена заедница ќе се зема предвид само како дополнителен фактор во случаи на еднакви услови.

„Со овој закон создаваме основа за модерна, транспарентна и професионална администрација која ќе им служи на сите граѓани“, истакна Сали, додавајќи дека целта е градење институции базирани на знаење, интегритет и одговорност.
Новиот закон, кој бил подготвуван подолг период и добил мислење од Венецијанската комисија, за првпат ја претвора правичната застапеност од уставен принцип во законска обврска за сите институции. Со него се предвидуваат и конкретни механизми за примена, со што се очекува подобрување на вклученоста на заедниците кои досега биле недоволно застапени.
Владината портпаролка Венера Азизи посочи дека донесувањето на законот претставува заокружување на важен процес и значаен чекор напред во унапредувањето на еднаквоста во јавниот сектор.
Законот сега ќе биде испратен во Собранието, каде што се очекува широка дебата. Од Владата изразуваат очекување дека пратениците ќе пристапат со аргументиран и одговорен пристап, имајќи предвид дека станува збор за прашање од суштинско значење за функционирањето на државата.
Потсетуваме, „балансерот“ беше укинат по одлука на Уставниот суд, откако беа покренати сомнежи дека алатката создава простор за злоупотреби и го нарушува принципот на еднакви можности при вработување.
![]()

