РАДЕВ ФАВОРИТ НА ОСМИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА

Бугарија денес гласа на осмите парламентарни избори во последните пет години, во услови на продолжена политичка криза и ниска доверба во институциите. Според предизборните анкети, фаворит за победа е коалицијата предводена од поранешниот претседател Румен Радев, која настапува со новоформираната платформа „Прогресивна Бугарија“.

Истражувањата на јавното мислење ѝ даваат околу 35 проценти поддршка, што се должи на кампањата насочена кон борба против корупцијата и демонтажа на, како што наведува Радев, „олигархискиот модел на управување“. На второто место се очекува да се пласира партијата ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, со околу 20 проценти поддршка, додека либералната коалиција ПП-ДБ се позиционира веднаш зад нив.

Овие избори се одржуваат во сенка на политичката нестабилност што започна во 2021 година, кога масовните антикорупциски протести доведоа до пад на владата на Борисов. Оттогаш, земјата се соочува со чести изборни циклуси и тешкотии во формирање стабилна влада.

Ниската излезност беше еден од главните проблеми на претходните избори, кога гласале само 39 проценти од избирачите. Сепак, аналитичарите очекуваат поголема мобилизација овојпат, со оглед на зголемената политичка поларизација и новите политички актери.

Радев, кој поднесе оставка од претседателската функција за да учествува на изборите, се претставува како алтернатива на „старите политички структури“. Тој најави дека нема да коалицира со ГЕРБ и дека ќе се стреми кон освојување апсолутно мнозинство во парламентот.

Во меѓувреме, бугарските власти ги засилија мерките против изборни нерегуларности. Полицијата спроведе акции против купување гласови, при што беа запленети повеќе од еден милион евра и приведени стотици лица, меѓу кои и локални функционери.

Избирачките места се отворени од 7 до 20 часот, а резултатите од овие избори се очекува да дадат клучна насока за идната политичка стабилност на Бугарија.

Loading