Повеќе од очигледно е дека во Македонија постои едно тивко, но масовно одбивање да се прифати Меѓународен ден на трудот во неговата изворна смисла. Не декларативно, не преку ставови или јавни расправи, туку практично преку изборот како се поминува тој ден. Кога илјадници граѓани инстинктивно го користат празникот за одмор, патување или бегство од секојдневието, наместо за било каква форма на колективна артикулација, тоа не е случајност, туку показател.
Во Македонија, Меѓународен ден на трудот одамна ја надживеа сопствената смисла. Тој формално постои, институционално се почитува и календарски се одбележува но суштински, речиси ништо не оправдува зошто сè уште е државен празник. Освен, се разбира, потребата од уште еден продолжен викенд и колективната согласност дека симболиката е преценета, а скарата суштинска.
Ако празникот некогаш бил ден на работничка мобилизација, денес е ден на масовна демобилизација. Во отсуство на протести, барања и јасна социјална артикулација, Први мај во Македонија функционира како добро организирана пауза од реалноста. Работничките права? Тие, очигледно, се доволно стабилни за да не бараат јавен ангажман или доволно запоставени за да не инспирираат никаква реакција.

И токму тука почнува најинтересниот дел од балканскиот мајски парадокс.
Додека во Грција синдикатите организираат масовни протести, штрајкови и блокади, значителен број македонски граѓани дисциплинирано ја преминуваат границата, не за да се приклучат, туку за да се релаксираат. Однапед прифаќајќи ја веројатноста за блокирани улици и застој во сообраќајот. Сцената е речиси кинематографска: од едната страна транспаренти, револт и барања за повисоки плати; од другата лежалки, кафе и туристичка лежерност.
Човек не може, а да не се запраша: дали можеби постои скриена солидарност? Дали македонските туристи, во духот на интернационализмот, барем накратко се приклучуваат на протестите во Солун или Атина? Или нивната улога е порафинирана тивка економска поддршка за грчките работници, преку консумација наместо конфронтација?
Сликата што се добива е, во најмала рака, иронична: граѓани од земја со пониски плати и послаби работнички права, на одмор во земја каде работниците протестираат затоа што не се доволно платени. Тоа создава чудна инверзија на улогите македонските посетители, барем привремено, делуваат како „газди“ на одмор, додека домаќините маршираат барајќи подобар живот.
Во таа перспектива, Први мај во Македонија не само што е испразнет од суштина, туку е и лишен од елементарна логика. Ако празникот не служи за афирмација на трудот, ако не генерира јавна дебата и ако не поттикнува никаква форма на колективно дејствување тогаш неговото постоење како државен празник станува прашање на навика, а не на потреба.
Можеби е време да се признае очигледното: Први мај кај нас не е ден на трудот, туку ден на туризмот. И ако веќе ја има таа функција, можеби треба искрено да се преименува во „ден на регионална економска соработка преку скара и плажа“.
Сè друго е само историска декорација.

![]()

