Политичките кругови во земјава веќе коментираат дека со само неколку реченици за можни избори, премиерот Христијан Мицкоски успеа целосно да го пренасочи вниманието на јавноста. Темата за евентуална екстрадиција на Никола Груевски, која со денови беше една од најкоментираните во медиумите и на социјалните мрежи, речиси преку ноќ падна во втор план откако премиерот ја отвори дилемата за можни предвремени парламентарни избори.
Изјавите на премиерот Христијан Мицкоски повторно ја раздвижија политичката сцена во земјава и ги отворија шпекулациите за можни предвремени парламентарни избори. Иако тој јасно порача дека годинава нема да има избори, не ја исклучи можноста гласањето да се случи во текот на 2027 година, наместо во редовниот термин во 2028.
Мицкоски нагласи дека негов личен став е изборите да се одржат редовно, напролет 2028 година, но истовремено посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена за изборен процес и победа. Токму оваа изјава беше доволна за да се засилат политичките анализи и проценки дека власта сериозно ја разгледува можноста за предвремено гласање.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, актуелниот политички момент ѝ оди во прилог на владејачката партија. Тој смета дека евентуални избори во 2027 година би можеле да бидат логичен потег доколку власта процени дека рејтингот и политичката атмосфера се поволни.
Во меѓувреме, и власта и опозицијата веќе почнаа да ги заземаат своите позиции. Од ВМРО-ДПМНЕ испраќаат пораки дека се подготвени за секое сценарио, додека од СДСМ велат дека немаат страв од изборно соочување и тврдат дека власта се обидува преку политички маневри да го задржи вниманието на јавноста.

Свој став изнесоа и помалите коалициски партнери. Лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека доколку има избори, нивната партија ќе учествува и ќе ја бара довербата од граѓаните. Од коалицијата „Вреди“, пак, сметаат дека приоритет треба да останат реформите и економските резултати, а не нов изборен циклус.
Покрај изборните комбинаторики, во јавноста се отвораат и прашањата за можна реконструкција на Владата, што дополнително ги подгрева политичките пресметки во пресрет на евентуален нов изборен натпревар.
![]()

