Најавите за можна реконструкција на Владата сè погласно се коментираат во политичката јавност, а според информациите што доаѓаат од владиниот врв, фокусот нема да биде само на кадровски освежувања, туку пред сè на резултатите и ефикасноста на институциите. Иако официјално не се открива кои ресори се разгледуваат за промени, веќе се отвораат шпекулации дека под најголем притисок ќе бидат секторите каде реализацијата на проектите се одвива побавно од очекуваното или каде има незадоволство од работата на институциите.
Политичките аналитичари проценуваат дека во фокусот на евентуалната реконструкција би можеле да се најдат ресорите поврзани со економијата, инфраструктурата, јавните услуги и секторите што имаат директно влијание врз животниот стандард на граѓаните. Владата, пак, испраќа порака дека критериум ќе биде исклучиво сработеното.
Вицепремиерот Александар Николоски во интервју за „Ноќно студио“ на 4TV истакна дека премиерот Христијан Мицкоски веќе прави детални анализи за успешноста на секој ресор и дека евентуалните промени ќе се темелат на конкретни резултати.

„Премиерот како носител на мандатот прави анализа и проценка за работата на институциите. Тоа е нормален процес во Влада која сака да ја задржи ефикасноста и динамиката. Ќе има разговори со коалициските партнери, но најважно ќе биде кој ги исполнил очекувањата и поставените цели“, посочи Николоски.
Тој нагласи дека актуелната владина коалиција со ВЛЕН и ЗНАМ е стабилна и дека во моментов приоритет е реализацијата на капиталните проекти и економските политики, наместо политички турбуленции.
„Стабилноста е неопходна за да продолжи реализацијата на автопатите, железничките проекти и инвестициите кои се клучни за економскиот развој. Не сакаме политички блокади, туку институциите целосно да бидат насочени кон работа“, изјави вицепремиерот.
Според него, интересот на дел од опозициските структури за приклучување кон власта е доказ дека Владата има стабилна позиција и позитивна динамика во функционирањето. Сепак, тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ останува фокусирана на сопствената програма и коалициските договори што веќе се воспоставени.
Во наредниот период се очекува премиерот и владините партнери да ги финализираат анализите, по што ќе биде појасно дали реконструкцијата ќе значи ограничени промени или поширок зафат во извршната власт.
![]()

