Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати сериозни критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека повторно ја отвора темата за уставните измени без никакви гаранции за македонските национални интереси.
Од партијата велат дека веднаш по формирањето на новата политичка гарнитура во Бугарија, Филипче започнал со пораки кои, според нив, значат продолжување на политиките на поранешното раководство на СДСМ. Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ оценува дека лидерот на опозицијата се обидува да се претстави како фактор за подобрување на односите со Софија, но притоа, како што наведуваат, ги занемарува македонските позиции и националниот идентитет.

„Официјална Софија со години има непроменети ставови за македонскиот јазик, историја и идентитет, а Филипче повторно зборува за уставни измени и исполнување на бугарските барања“, наведуваат од владејачката партија.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ дополнително обвинува дека Филипче преку јавните настапи се обидува да ја префрли вината врз државата за нарушените односи со соседите, наместо да покаже цврст став во одбрана на националните интереси.
Од партијата упатија критики и за неговиот однос кон јавноста и медиумите, спомнувајќи дека лидерот на СДСМ повеќе време посветувал на патувања и приватни активности отколку на реални политички решенија.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека граѓаните веќе ги препознале, како што велат, „обидите за нови отстапки“, додавајќи дека уставни измени без јасни гаранции за македонскиот идентитет и европскиот пат на државата нема да добијат поддршка.
![]()

