Политиката кај нас повторно покажа дека најбрзо се губи функција кога ќе се отвори тема што јавноста не простува – историјата. А уште побрзо ако во целата приказна се вмеша и „случајна“ средба со контроверзни личности од соседството. Така, по неколкунеделни реакции, критики и обиди за објаснување дека „не бил добро разбран“, Рубин Земон реши да стави точка на својата кратка епизода во Извршниот одбор на СДСМ.
Вчера тој преку објава на социјалните мрежи соопшти дека поднесува оставка од партиската функција, нагласувајќи дека не сака да биде товар за партијата и нејзината политичка борба против актуелната власт.
Во објавата посочи дека во изминатиот период бил изложен на силни напади и притисоци, а според него, мета на критиките станало и неговото семејство. Земон вели дека одлуката ја носи за да го заштити угледот на СДСМ и да спречи понатамошна политичка штета.

Неговото повлекување следува по бурните реакции што се појавија по неговото гостување во поткаст, каде зборуваше за улогата на Гоце Делчев. Дел од јавноста оцени дека со изјавата ја минимизирал историската важност на револуционерот, по што следуваше и јавно извинување од Земон со објаснување дека неговите ставови биле погрешно протолкувани. Во македонската политика, се разбира, „погрешно разбран“ одамна стана официјална кризна комуникација.
Дополнителен револт предизвика и неговата средба со Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“, кому во 2023 година му беше забранет влез во земјава. Иако средбата беше претставена како обична комуникација, за јавноста тоа беше доволно за нов бран сомнежи и политички препукувања.
Инаку, Земон беше избран во Извршниот одбор на СДСМ кон крајот на март, во рамки на партиските кадровски промени. Неговото членство во највисокото партиско раководство траеше пократко од некои предизборни ветувања.
![]()

