Коалицијата ВЛЕН остро реагираше на јавните настапи на поранешниот министер за правда Блерим Беџети, обвинувајќи го дека во текот на својот мандат не направил конкретни чекори за овозможување на полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Од коалицијата посочуваат дека Беџети раководел со Министерството за правда повеќе од три години и располагал со сите неопходни механизми за решавање на ова прашање, но, според нив, не покажал политичка волја да го реализира.
„Денес се претставува како борец за право кое имал можност да го обезбеди додека беше на функција, но не го сторил тоа“, наведуваат од ВЛЕН.
Во нивната реакција повторно беше актуализирана и аудиоснимка која во минатото предизвика политички реакции, а во која се споменуваат Блерим Беџети и Муса Џафери. Според ВЛЕН, содржината на разговорот и односот кон прашањето за правосудниот испит претставуваат показател за начинот на кој биле третирани интересите на Албанците во претходните години.

Од коалицијата тврдат дека одредени позиции кои законски и институционално им припаѓале на Албанците биле предмет на политички договори со тогашните владејачки структури, при што, како што велат, биле занемарени суштинските интереси на граѓаните.
ВЛЕН оценува дека на Албанците им се потребни политички претставници кои ќе работат на решавање на реалните проблеми, наместо, како што наведуваат, да се потпираат на предизборна реторика и политички маркетинг.
Во соопштението се нагласува дека коалицијата останува фокусирана на изнаоѓање конкретни решенија за прашањата кои со години останале нерешени, особено во областите што директно ги засегаат студентите, младите правници и граѓаните.
![]()

