Во период кога граѓаните се соочуваат со растечки трошоци за живот, економски предизвици, проблеми во здравството и образованието, СДСМ повторно ја става во фокус јавноста темата за Никола Груевски. Наместо да понуди конкретни решенија за актуелните проблеми кои директно ги засегаат граѓаните, опозициската партија повторно отвора прашања поврзани со поранешниот премиер, тема која со години е дел од дневно-политичките пресметки.
Од СДСМ денеска обвинија дека премиерот Христијан Мицкоски бил запознаен со информациите дека Никола Груевски поседува унгарско државјанство и дека токму поради тоа не постои вистинска намера за негова екстрадиција во Македонија.
Портпаролката на партијата и член на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, изјави дека власта со месеци ја одолговлекува постапката и покрај сознанијата за статусот на Груевски во Унгарија.
Според неа, изјавите на Мицкоски дека поранешниот премиер би можел да биде уапсен биле свесно пласирани кон јавноста, иако, како што тврди СДСМ, постоеле информации дека Груевски веќе поседува и унгарско државјанство.
„Доколку навистина постоела волја, барањето за екстрадиција одамна ќе беше испратено. Наместо конкретни чекори, граѓаните добиваат само изјави и политички пораки“, порача Кузеска.

Реакцијата на СДСМ следува по медиумските објави во Унгарија дека Никола Груевски наводно добил унгарско државјанство во 2022 година врз основа на посебен државен интерес. Според тие информации, ваквиот статус дополнително ги усложнува можностите за негова екстрадиција во Македонија.
Од Министерството за правда, пак, вчера соопштија дека и покрај шпекулациите околу евентуалното унгарско државјанство, Груевски останува македонски државјанин и дека постапките поврзани со негово враќање продолжуваат согласно законските процедури.
Во меѓувреме, СДСМ бара активирање на сите дипломатски и правни механизми, како и можност за меѓународна правна помош, со цел поранешниот премиер да се врати во земјата и да се соочи со правосудните процеси што сè уште се водат против него.
Груевски ја напушти Македонија во 2018 година непосредно пред издржувањето на затворската казна во случајот „Тенк“, по што доби политички азил во Унгарија. Против него и понатаму се активни повеќе судски предмети, додека дел од пресудите веќе се правосилни.
Темата повторно ја отвори дебатата дали политичките партии преку вакви прашања бараат одговорност и правда или, пак, станува збор за уште една рунда политички препукувања кои го одвлекуваат вниманието од секојдневните проблеми на граѓаните.
Поврзани вести:
ЕДНА ОДЛУКА ГО НАПРАВИ ГРУЕВСКИ РЕЧИСИ НЕДОПИРЛИВ – КРАЈ НА ПРИКАЗНАТА ЗА ЕКСТРАДИЦИЈА?
![]()

