Коалицијата ВРЕДИ соопшти дека е во завршна фаза подготовката на решение со кое ќе се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик, а во следниот период се планира истиот принцип да се примени и кај другите професионални испити во државата.
Од коалицијата истакнуваат дека ова прашање долго време било игнорирано од претходните носители на власта, иако постоеле институционални механизми за негово решавање. Според нив, во изминатите години Министерството за правда било раководено од кадри кои имале можност да преземат конкретни чекори, но проблемот останал нерешен.Во реакцијата се упатуваат и критики кон ДУИ, со оценка дека интересите на студентите не биле доволно застапени, додека одредени случаи поврзани со лица блиски до политички функционери добивале побрз институционален третман.
Прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик повторно се актуализира по серијата протести што ги организираа албанските студенти во последните месеци. Тие бараат доследна примена на Законот за употреба на јазиците и еднаков пристап до професионалните квалификации.

Темата била разгледана и на средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на коалицијата ВРЕДИ, при што било констатирано дека надлежните институции веќе работат на решение кое треба да биде усогласено со Уставот и постојната законска рамка.
Лидерите на ВРЕДИ, Изет Меџити и Билал Касами, претходно преку јавни објави најавија дека наскоро ќе биде овозможено полагање на правосудниот испит на албански јазик. Од коалицијата потенцираат дека ова претставува прв чекор кон поширока реформа со која и другите професионални испити ќе станат достапни на албански јазик.
Според ВРЕДИ, граѓаните очекуваат конкретни резултати и практични решенија, наместо политички дебати, а нивната заложба е да обезбедат еднаков пристап до образовните и професионалните можности за сите заедници во државата.
![]()

