Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека прашањето за полагањето на правосудниот испит на јазици различни од македонскиот не било решено во изминатите години затоа што, како што рече, претходните министри за правда од редовите на ДУИ немале волја да го затворат ова прашање.
Во интервју за ТВ Алсат, Мицкоски истакна дека актуелната Влада работи на изнаоѓање решение кое ќе биде функционално, правно одржливо и во согласност со потребите на системот. Според него, доколку државата овозможила високо образование да се изведува на повеќе јазици, тогаш треба да се разгледа можноста теоретскиот дел од правосудниот испит да се полага и на тие јазици.
„Ако државата дозволила да постои високо образование на јазик различен од македонскиот, како што се албанскиот, турскиот или англискиот, тогаш не гледам причина теоретскиот дел од правосудниот испит да не може да се полага на некој од тие јазици“, посочи Мицкоски.
Тој се осврна и на ставовите на Венецијанската комисија, нагласувајќи дека во правосудниот систем мора да постои заеднички јазик на комуникација. Сепак, според премиерот, тоа не мора да биде пречка за теоретскиот дел од испитот да се организира и на друг јазик, доколку се најде соодветен модел.

Мицкоски истовремено нагласи дека досегашната статистика покажува дека огромен дел од кандидатите Албанци успешно го положиле правосудниот испит на македонски јазик.
„Статистиката е јасна – речиси 95 проценти од кандидатите Албанци кои досега го полагале правосудниот испит, и теоретскиот и практичниот дел, го положиле на македонски јазик. Тоа покажува дека не може да се зборува за дискриминација“, рече премиерот.
Според него, постојниот закон не го дефинира директно начинот на кој треба да се полага испитот, туку остава простор министерот за правда тоа да го уреди преку подзаконски акт.
Мицкоски порача дека токму тука, според него, се гледа разликата меѓу актуелниот и претходниот пристап.

„Во изминатите години повеќе министри за правда Албанци од редовите на ДУИ не сакале да го решат овој проблем. Оваа Влада има волја и бара начин како прашањето да се надмине. Министерот Филков е дел од Влада која сака решение, за разлика од претходните влади во кои министрите за правда од ДУИ не го решиле ова прашање“, изјави Мицкоски.
Прашањето за правосудниот испит повторно ја отвори дебатата за балансот меѓу употребата на јазиците, функционалноста на правосудниот систем и потребата од еднаков пристап за сите кандидати. Владата, според најавите, ќе продолжи да бара модел кој ќе ги почитува законските рамки, но и реалните потреби на кандидатите и институциите.
![]()

