ЈОН ЈА ОТКРИ „ГОЛЕМАТА“ ТЕНДЕРСКА ТАЈНА: ФИРМИТЕ РАБОТЕЛЕ И КОГА СДСМ БИЛА НА ВЛАСТ?

Опозициската СДСМ обвини дека преку системот на јавни набавки се создава тесен круг на компании кои, според партијата, редовно добиваат милионски договори од институции и општини раководени од власта.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, тврди дека во повеќе општини и државни институции се повторува ист образец — исти градежни фирми се појавуваат како добитници на тендери, додека за проектирање и надзор, како што посочи, најчесто се ангажираат истите две компании.

Според СДСМ, фирмите „Ленди Груп“, „Пирамид Билдинг Солушнс“ и „Масев“ се дел од модел во кој јавните пари завршуваат кај ограничен број изведувачи. Фрчкоски дополнително посочи дека кај проектите во кои се појавуваат овие компании, како надзорни или проектантски фирми често се споменуваат „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти“.

Од опозициската партија оценуваат дека ваквата пракса отвора сериозни сомнежи за фаворизирање и за воспоставување бизнис-шема преку јавните набавки. Според нив, институциите мора да одговорат дали постои поврзаност меѓу изведувачите, проектантите и надзорните фирми, како и дали јавните средства се распределуваат транспарентно и конкурентно.

На обвинувањата реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде што тврдат дека СДСМ се обидува да создаде афера од јавно достапни податоци. Според владејачката партија, споменатите компании не се нови на пазарот, туку со години учествуваат во јавни набавки и добивале договори и во период кога СДСМ била на власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека фирмите „МГ Проект“ и „МБМ Архитекти“ работеле и претходно со институции предводени од министри, директори и градоначалници од редовите на СДСМ, па затоа, според нив, обвинувањата на Фрчкоски се политички мотивирани и без основа.

Владејачката партија дополнително возврати со контраобвинувања кон раководството на СДСМ. Оттаму порачаа дека Јон Фрчкоски и неговата партија треба најпрво да побараат одговори од сопствениот лидер Венко Филипче за, како што велат, потеклото на средствата поврзани со луксузни имоти на Водно, златна виза и стан во Дубаи.

Полемиката меѓу двете партии ја отвора повторно темата за транспарентноста на јавните набавки, конкуренцијата меѓу компаниите и контролата врз трошењето на јавните пари, прашања кои остануваат во фокусот на политичките пресметки меѓу власта и опозицијата.

Loading