ПО „ПОТОПОТ“ НА ОСМАНИ, СЕ ОТВОРА СОБРАНИСКАТА ДРАМА: ЌЕ СЕ СПАСУВА ЛИ ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР СО БЛОКАДА?

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, со остро предупредување за предлог-законот за соодветна и правична застапеност, кој се наоѓа во собраниска процедура. Според него, доколку овој закон биде изгласан, последиците би биле сериозни и би ја погодиле самата суштина на Охридскиот рамковен договор.

Османи во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 порача дека неговата препорака до пратениците е да најдат начин да го одложат носењето на законот. Тој употреби силна формулација, оценувајќи дека „по тоа – потоп“, доколку законското решение помине во Собранието.

„Мојата препорака до пратениците е да најдат механизам, да најдат начин, па и филибастеринг, за да се одложи седницата. Ако помине овој закон, не знам што понатаму“, изјави Османи, нагласувајќи дека е свесен оти таквиот став може да предизвика реакции и кај самите пратеници.

Според Османи, проблемот не е само во политичката процедура, туку во концептот што го носи законот. Тој тврди дека со ова решение се урива еден од темелите на Охридскиот договор, бидејќи, како што рече, се доведуваат во прашање Бадентеровото мнозинство, правичната застапеност, употребата на јазикот и европската перспектива на државата.

Во однос на ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека нема „мал“ и „голем“ Бадентер, туку дека доколку сите пратеници од немнозинските заедници се присутни во салата, фактички се исполнува условот за двојно мнозинство, Османи оцени дека таквото толкување е обид за изигрување на Охридскиот договор.

Тој смета дека таканаречениот „мал Бадентер“ е политичка конструкција со која се релативизира вистинската смисла на двојното мнозинство. Според Османи, правото на вето, односно Бадентеровиот принцип, треба да се смета врз основа на вкупниот број пратеници од немнозинските заедници, а не само врз основа на оние што во даден момент се присутни во салата.

Османи предупреди дека на тој начин може да се создаде практика во која ќе се користи моментот кога дел од пратениците не се присутни, за одредени прашања брзо да се стават на дневен ред и да бидат изгласани. Според него, токму таквиот пристап го нарушува договорениот баланс по 2001 година.

Најостри критики Османи упати и кон самиот концепт на предложениот закон. Тој смета дека со него повторно се враќа моделот на „лажна меритократија“, за кој вели дека пред 2001 година резултирал со исклучување на Албанците и другите заедници од институциите.

Според неговото толкување, правичната застапеност не значи откажување од квалитетот, туку избор на најдобрите кандидати во рамки на секоја етничка заедница, согласно потребната застапеност. Османи посочи дека, доколку на пример се предвидени одреден број места за Албанци и Македонци, најдобрите кандидати треба да се избираат во рамки на тие групи, а не најпрво да се спроведе општ систем во кој, според него, немнозинските заедници повторно може да бидат потиснати.

Тој дополнително оцени дека законот нема реални извршни механизми. Според Османи, предвидувањето комисија која еднаш годишно ќе ја следи состојбата не е доволно, бидејќи такви анализи веќе прават Народниот правобранител и невладиниот сектор. Извршната власт, како што рече, мора да има конкретни инструменти со кои ќе ја гарантира правичната застапеност во институциите.

За Османи, предложениот закон не само што не ја зајакнува правичната застапеност, туку, напротив, ја менува нејзината суштина. Тој смета дека со тоа се отвора сериозна политичка и институционална дилема за иднината на еден од клучните столбови на Охридскиот рамковен договор.

Loading