ОПОЗИЦИЈАТА СО НОВО АПОКАЛИПТИЧНО СЦЕНАРИО: Мицкоски со резултати, СДСМ со приказни за руски и српски служби

Кога нема конкретна програма, убедлива економска понуда и поддршка од граѓаните, на политичката сцена повторно се појавуваат стравот, драмата и теориите на заговор. Наместо да објасни што би направила подобро, опозицијата ја плаши јавноста со наводни предвремени избори, празен буџет, меѓуетнички тензии, па дури и со вмешаност на руски и српски служби.

Андреј Жерновски обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски подготвувала сценарио за предвремени парламентарни избори и за вештачко предизвикување меѓуетнички тензии. Според него, причината за избори била наводно испразнетата државна каса и отсуството на економски резултати.

Жерновски тврди дека сценариото било поврзано со руски и српски служби, а откако, како што рече, пропаднал првичниот план со Бугарија, Владата ќе се обидела да го пренасочи вниманието кон односите меѓу Македонците и Албанците.

Но ваквите обвинувања повеќе личат на политички трилер отколку на сериозно аргументирана прес-конференција. Наместо докази, јавноста доби драматични претпоставки. Наместо економска алтернатива, доби уште едно мрачно сценарио во кое опозицијата однапред ја прогласува секоја политичка одлука на Владата за дел од некаков меѓународен заговор.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека опозицијата повторно го заплашува народот затоа што нема што суштинско да понуди.

„Уште пред околу две години, кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, зборуваа дека државата ќе банкротира. Потоа тврдеа дека само што не банкротирала, дека ќе доаѓале мигранти и дека цените драстично ќе се зголемеле. Што ли уште не измислија“, порачаа од партијата.

Наспроти апокалиптичните прогнози, Мицкоски демонстрира политичка стабилност, решителност и целосна подготвеност да го провери легитимитетот пред граѓаните. Токму таа самодоверба ја остава опозицијата без простор за сериозна политичка офанзива, па таа сè почесто се обидува недостатокот од сопствени идеи да го прикрие со сензационализам.

Политичката пресметка продолжи и околу цените на горивата. Од СДСМ предупредија дека тие ќе претставуваат тежок удар врз животниот стандард, а особено врз македонското земјоделство.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека инфлацијата се намалила на 2,3 проценти, дека јавниот и државниот долг се намалуваат и дека цените на горивата во Македонија се најниски во регионот.

Опозицијата има право да ја критикува власта, но критиката мора да се темели врз факти и конкретни решенија. Во спротивно, драматичните прес-конференции за странски служби, меѓуетнички конфликти и наводен банкрот само ја потврдуваат нејзината политичка немоќ. Додека Мицкоски настапува како лидер што е подготвен да се соочи со граѓаните и да ја брани својата работа, опозицијата останува заглавена во производство на страв и сценарија што досега не се остварија.

Loading