Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави дека компанија поврзана со поранешниот секретар на партијата, Никола Ќурчиев, склучила договор со државно претпријатие во вредност од околу 1,6 милиони евра.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, Филипче презентираше документ за кој рече дека се однесува на договор склучен со Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на 17 јуни 2026 година.
Според неговите тврдења, станува збор за фирма што Ќурчиев ја претставува и со која соработува. Поранешниот секретар на СДСМ е еден од учесниците во иницијативата што актуелното раководство на партијата ја нарекува „Платформа на Мицкоски за поделба на СДСМ“.
Филипче не тврдеше дека постапката е незаконска. Напротив, посочи дека договорот може да биде целосно законски и дека компанијата треба да ги исполни преземените обврски. Сепак, според него, јавноста треба да биде информирана за политичкиот контекст, поврзаноста на актерите и времето во кое е склучен договорот.

Лидерот на СДСМ го поврза случајот со актуелните внатрепартиски превирања и го постави прашањето дали зад новата политичка платформа стојат интереси поттикнати од власта.
„Се поставува прашањето колку чини СДСМ. Ако за нив чини 1,6 милиони евра, сакам јасно да кажам: СДСМ не е на продажба“, порача Филипче.
Во своето обраќање тој употреби и иронична споредба со настапот на Дејвид Гета, наведувајќи дека власта имала една „плејлиста“ од 5,5 милиони евра за прославата, а сега, како што рече, и политичка платформа вредна 1,6 милиони евра.
Филипче порача дека СДСМ нема да ја приспособува својата политика на желбите на премиерот Христијан Мицкоски и дека партијата нема да дозволи надворешно режирање на нејзините внатрешни процеси.
Засега во јавноста нема објавена реакција од Никола Ќурчиев, од посочената компанија или од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во однос на наводите што ги изнесе претседателот на СДСМ.
![]()

