Урбаната мафија го презема Скопје

Читаност: 651
Време:2 Минути, 32 Секунди

Згради никнуваат над трасата за подземната улица на Јужен булевар во Скопје, а улицата уште не е готова. При презентацијата на проектот уште во 2012, беше кажано дека турскиот инвеститор „Лимак“ прво треба да ја изгради улицата, а потоа објектите над неа.

На Јужен булевар сега покрај хотелот на „Лимак“, кој пред два месеца беше официјално отворен, и уште два објекта кои веќе се готови, во моментов се гради објект на крајот од трасата, односно до зградата на „Тутунска банка“. Зградата се наоѓа точно над делот каде што минува подземната улица и треба да излезе кај зградата на поранешна „Нова Македонија“. Веќе се кренати неколку ката, а градежна механизација секојдневно работи на објектот.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ се оправдува дека за сите објекти инвеститорите имаат дозволи и нема ништо спорно во градењето на зградите.

„Според информациите кои ги имаме од инвеститорот, се планира целиот проект да биде готов во 2023. Подземната улица е пробиена и таа ќе биде изведена. На тој дел има четири градежни парцели. Над подземниот булевар треба да никне трговски центар и четири кули со висина од 20 ката“, вели Богдановиќ.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, исто така, тврди дека коридорот за улицата е пробиен и затоа сега може да се работи над трасата.

Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницаата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Рацин. Но, на терен сè уште нема никакви активности за нивната изградба, ниту пак градоначалникот Шилегов ги најави за годинешната градежна офанзива.

„Сите три кружни текови за излез и влез во подземната сообраќајница се проектирани и догодина ќе ги распишеме тендерите за изведувачи. Очекувам паралелно со завршување на градежните работи за подзмената улица во 2023 да бидат и тие готови. Според првичните проценки, ќе чинат околу 22 милиони евра“, вели Шилегов.

Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан во 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи. На прес-конференцијата за стартот на проектот покрај градоначалникот Шилегов, присуствуваа и премиерот Зоран Заев и тогашниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

Сообраќајницата треба да биде долга 800 метри, 6 метри под земја и со 6 коловозни ленти. Комплексот на ’Дајмонд Скопје‘ ќе има станбени и деловни објекти, трговски центар, простор за културни активности ресторани, кафулиња. Во комплексот автентично треба да се вклопи и симболот на градот, Старата железничка станица, денес Музеј на град Скопје. Вкупната површина на комплексот ќе биде 325.000 метри квадратни. Максималната висина на објектите кои ќе се градат е приземје плус 20 ката.

Вкупната инвестиција за овој проект е 250 милиони евра.

Social profiles