КОЛУМНА Богојески: Надградба на Преспа

Читаност: 9
Време:3 Минути, 46 Секунди

Надградба на Преспа

пишува Петар Богојески, претседател на УЕФМ и промотор на МКонцепт

Западнавме во длабока криза. Од секаков тип. Редно е да понудиме излезни решенија. За ситници можеме да говориме колку и да сакаме, но геостратешки не смееме да погрешиме. Замена за ЕУ нема. Или ќе не биде во ЕУ или нема да не биде. Како да стигнеме во Брисел со крената глава, на толку уцени и удари врз нас, од нашите мили комшии?

Големите сили, а пред се САД и Британија, немаат време за чекање. 2021 година е година за решавање на т.н. „српско прашање“ на Балканот. Македонија на „одреден начин“ влезе во НАТО, па така нашите стратешки партнери сметаат дека сме доволно обезбедени, кога ќе се отворат Босна и Косово. Секако ќе беше подобро и ЕУ преговори да беа во тек, но Бугарија под руски диктат, на сила не втурна во „српски свет“. Македонија е веќе дел од „пакетот“, кој ќе патува некаде, но никој не знае каде.

Промовиран е „Отворен Балкан“ како модел за решавање на „српското прашање“. Промени на граници треба да има, промени на граници не смее да има. Средината е токму тоа, Балкан без граници. Но кој Балкан? Дали е тоа тој наш, „македонски“ Балкан, каде влегуваат нашите Вардар, Егеј и Пирин? Секако не! Ова е „српски“ Балкан без граници. Кога паѓаат државните граници, остануваат етничките заедници. Така сите Срби ќе се обединат во еден „српски кантон“, сите Албанци во друг „албански кантон“, а сите Македонци ќе останеме засекогаш поделени.

Втора причина зошто НЕ „Отворен Балкан“ е фактот што влегуваме во територијална заедница со Србија. Тоа значи дека нема влез во ЕУ без Србија. Не може да почнеме преговори и да влеземе во ЕУ, а да имаме отворена граница со земја која не е во ЕУ. Ако влеземе во ЕУ, повторно ќе градиме граници кон Србија и Косово? Секако е бесмислено. Тоа значи дека ние не влегуваме во ЕУ без Србија, а тоа значи не влегуваме во ЕУ без да се оладат сите усвијани глави во Косово и Босна. Тоа ќе кошта најмалку уште 20 години. Еве ова е причината зошто не, а не дека мразам Срби или Србија.

Како понатаму? Како во ЕУ за 5 години? Единствено ако им понудиме на САД подобро решение за Македонија од „Отворен Балкан“, без тоа решение да биде оптеретено од болшевичкото влијание од Бугарија. Само така САД ќе застанат да помислат дали има алтернатива. Јасно е, Преспански договор е бетон. Но доколку им ги отвориме очите дека тоа е мртов бетон, тој договор не може да се имплементира без отворање на преговори со ЕУ, тогаш ќе прифатат „надградба на Преспа“!

Што е тоа „надградба на Преспа“? Актуелниот договор се потпира на база на сукцесија помеѓу Македонија и Грција, на културното – историско наследство на македонизмот. И тоа на сериозна штета на македонската страна. Но во исто време, Грција трпи сериозни штети од сеуште актуелното непријателство со нас, особено од границата во срцето на историска Македонија. Доколку на САД им понудиме надградба на Преспа на база на заедничка нега на македонизмот помеѓу Македонија и Грција, а секако тоа е во рамки на грчката национална доктрина “мегали идеја“ и прифатливо за Грција, можеме „Отворен Балкан“ да го замениме со “Обединета Македонија во обединета Европа“.

Надградбата опфаќа паѓање на границите на Македонија, но не со Србија и Албанија, туку со Грција во прва фаза, а потоа по сила на европските закони и со Бугарија. Конфедерација со Грција, ќе ги обедини Вардар и Егеј. Тоа „северна“ ќе стане непотребно, на крај на краеви ќе се спојат северна и јужна Македонија. Ќе се најде модел на кохабитација помеѓу хелено и славо македонизмот.

Тоа решение е директен влез на Македонија во ЕУ, а со тоа и паѓање на границата со Бугарија, без никој да ги праша болшевиците во Софија. На Вардар и Егеј, ќе се спои и Пирин. Ќе го оствариме нашиот вековен национален идеал. Ќе пропадне рускиот проект за поделба на Македонија, а Букурешт ќе го погребаме за секогаш. Засекогаш ќе ги поразиме руските проекции за Балканот, а тоа ќе биде мотив плус, САД да застанат зад овој проект. Да не говорам за молскавичното решение за МПЦ – ОА и нејзино конечно устоличување на охридскиот престол.

Уште минатата година го промовираме овој проект под името „Централно балканска иницијатива“, многу пред да се случи бугарското вето. Тој проект е жив и може да се имплементира веднаш. А на нас Македонците ни останува да избереме, Отворен Балкан или Обединета Македонија? Слободно изберете! Наше е да Ви кажеме како треба, а Вие си знаете најдобро!

Петар Богојески с.р.