КОЛУМНА Бангиевски: До победата и после неа

Читаност: 2
Време:3 Минути, 49 Секунди

ДО ПОБЕДАТА И ПОСЛЕ НЕА

пишува м-р Владимир Бангиевски, адвокат и потпретседател на „Македонски Концепт“

Изборите се мерило за демократијата во една земја. Тие се барометарот кој непогрешиво ни кажува до каде сме со демократијата и демократските процеси.

Претседателот на Собранието ги распиша локалните избори пред некој ден и тие се веќе објавени во Сл.весник на РСМ, како што е редот на нештата. Тоа, покрај другото,треба да значи и дека, изборните правила се замрзанати и до крајот на локалните избори тие не може да се менуваат. Правилата на игра не се менуваат додека играта трае!

Но едно друго прашање е чинам побитно! Што очекуваме од овие избори? Ако ги прашате граѓаните тие едноставно ќе ви одговорат дека очекуваат да победи или едната или другата партија. Толку! А да! Ако понатаму навлегувате со барање за поширок одговор, ќе ви кажат дека бараат од победничката партија (повторно едната или другата), да имаат посредено место во кое живеат, без ѓубре или барем со помалку ѓубре, асфалт на улиците, закрпени дупки, подобар јавен превоз, почист воздух, поагилни локални јавни служби, итн, итн…

И така, секој изборен циклус, зависно од тоа за какви избори се работи, бараат или очекуваат, од едната или од другата партија…!

Македонија веќе триесет години го живее црно – белиот „филм“ на две политички партии, кои најизменично се менуваат на власт, а во начинот на нивното владеење само нијанси се во прашање и ништо повеќе! Добив впечаток дека на граѓаните, на последните парламентарни избори, им здосади да го гледаат овој црно – бел „филм“ на политичка понуда, и дека очајнички бараа трета опција! И повторно, тоа трето или ново, на партиската сцена не го добија, а нема да го добијат ни на овие, локални, избори!

Дополнително, најголемиот дел од граѓаните кои бараа нешто „ново“ на последните избори, беа исплашени од двете партии, непосредно пред денот на гласањето, дека нивниот глас ќе биде залудно „фрлен“ доколку не гласаат за една од двете понуди, па на крај, рационално размислувајќи, се приклучија, односно гласаа за опцијата од двете понудени, која им беше поблиска. За воља на вистината, еден дел од граѓаните, заради вакавата плуралистичка состојба и апстинираа од гласање, со образложение дека „сите се исти“, па ако вака продолжиме, со овој филм, процентот на апстиненција на граѓаните може биде само поголем од циклус во циклус на избори!

Ние имавме премногу избори во изминатиот период, па граѓаните веќе и се изморија и им се здосади од гласање, но и неспорен факт е дека ние сме и сериозно заглавени во еден груб бипартизам! Тој за последица има, по природата на нештата, целосна окупација на државата од страна на победничката партија (според логиката –„На победникот му припаѓа се“!), која пак претходно направила се што можела (и легално и нелегално), за да ја сруши конкурентската партија од власт (според втората логика – „Цела ги оправдува средствата“ – нели!). После „окупацијата“ на државата од страна на победникот, се случува нејзино максимално молзење! Можноста за целосна „окупација“ на државата, ја прави таа да биде „заробена“ од партијата на власт! И обратно со другата партија! И така со децении, веќе трета по ред, од воведувањето на плурализмот!

Овој изборен модел е основата од која се продуцира ваквиот груб бипартизам во Македонија. Мали политички партии со поинакви идеи и визии има и секогаш имало од почетокот на плурализмот. Има дури и премногу! Но сите тие, со овој изборен законик, односно модел, па и со вакви изборни кражби кои ни се случуваат, скоро на сите избори, имаат само две можности: Или да коалицираат со стожерните партии од двата табора или едноставно да прифатат дека ќе ги снема после изборите! Трето нема!

Штета е што целиот потенцијал од луѓе кои постои кај малите партии и кој не е за фрлање, едноставно исчезнува или не може да дојде до израз со ваквиот груб бипартизам. Ова двопартиско плуралистичко сивило единствено одговара на двете стожерни партии – никому друг!

Заговарањето, од друга страна пак, за промени во Изборниот закон, со воведување на некави прагови за кандидатура, не само што има уставен проблем, туку се заканува и да го бетонира ова плуралистичко сивило кое егзистира!

Македонија е земја на различни култури и општествени интереси. Ако тие се занемарат или потиснат од општествената сцена, или пак ако не можат да најдат соодветен општествен израз, преку политичките партии или интересните групи (кои очигледно се поврзуваат со партијата која е на власт за опстанок или промоција) можат да бидат темпирана бомба која би го разорило и онака порозното општествено ткиво.

Изборниот модел час поскоро бара промена, за шанса да добие секоја идеја и да се оствари секој интерес кој заслужува општествено внимание.

М-р Владимир Бангиевски, с.р.