МНР воведува забрана за патување и посета на македонски граѓани во Русија

Министерството за надворешни работи денеска информира дека сѐ уште важи апелот до државјаните на земјава доколку се во можност да ја напуштат Русија, упатен на 28 февруари годинава, кога беа воведени рестриктивните мерки кон Москва, како одговор на руската инвазија на Украина.

Во апелот од февруари, МНР ги повика нашите граѓани кои престојуваат на територијата на Руската Федерација да ги искористат расположливите комерцијални летови и копнени линии за напуштање на земјата, со оглед на одлуката на ЕУ и други европски земји, вклучувајќи ја и нашата, за затварање на европскиот воздушен простор за руските авиопревозници.

– Соодветно, ги повикуваме сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планираат посета на Руската Федерација, да се воздржат од патувања кон истата – беше наведено во соопштението на МНР.