АМБАСАДОРКАТА РУСИ непожелна во бугарското Собрание

Новата македонска амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска не е добредојдена на конститутивната седница на новото бугарско собрание, закажана за 19 октомври, пренесе бугарски „Стандард“.

Во текстот стои дека покрај руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, пратениците прашале дали и македонската амбасадорка треба да влезе во тамошното Народно собрание, откако бугарската национална химна беше исвиркана на фудбалскиот натпревар во Скопје.

-Ова доведе до жестока дискусија за време на прелиминарниот состанок за деталите од почетната седница, распределбата на местата во салата од парламентот. Згора на тоа, Скопје има нов амбасадор и вака пречекот ќе ги наруши односите меѓу двете земји, пишува бугарскиот медиум.

Колку за потсетување, македонската амбасадорка во Софија беше пречекана на најниско можно ниво, а акредитивите беа „ладно примени“ од претседателот Румен Радев и некоја си техничка, заменска и допунска заменик-министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова.

Се додава дека денеска на иницијатива на партијата Демократска Бугарија ќе има нова средба на која ќе се допрецизира ставот за Митрофанова и Руси Поповска.