Фотелја или Македонија?
пишува Петар Богојески, национален лидер на политичка партија Македонски Концепт️
Сите сте исти! Сите се борите за фотелја! Никој не мисли на народот!… читам, читам и не си верувам на очите, дека тоа некој баш на мене ми го упатува како забелешка, на мојот политички ангажман. Ајде да видиме како стојат работите…
Има ли потреба да потсетам дека долго време бев активист на партијата ВМРО ДПМНЕ и носител на една од највисоките должности во клучен, историски момент за Македонија?
Секако не, веруваме дека добро се сеќавате. Или за тие кои не биле запознати со тоа, еве прилика да дознаат.
Според позицијата, времето поминато во активизам, пожртвуваност, несомен придонес за зголемување на рејтингот на таа партија, фотелјата за мене не беше прашање дали ќе ја добијам, туку ја имав.
И тоа не било каква фотелја, туку можев да избирам помеѓу водечките во земјава, пратеничко, министерско, амбасадорско или слично такво место.
Но немаше таква разрешница. А знаете ли зошто? Затоа што никогаш фотелјата не ми била битна! Никогаш!
Секогаш помила ми била вистината! Секогаш!
Пред неа – фотелјата – вистината ме водела, со што моето дејствување било и останува насочено во интерес на државата и мојот народ. Пред фотелјата го ставам народот! Пред фотелјата ја ставам државата.
Затоа и ја напуштив таа партија и таа фотелја во клучен историски момент, кога тие, а не јас, одлучија нивните лични интереси да ги стават пред Македонија. Кога одлучија името Македонија да го трампаат за слободата на грст бандити, од кои еден поранешниот нивни лидер.
Исправен помеѓу изборот, да премолчам, да замижам на тоа предавство, а да ја зачувам фотелјата и привилегиите или јавно да истапам и пред народот да ја кажам вистината, јас се одлучив за второто.
Ама воопшто не ми била битна карирата, ако таа треба да ја градам на грбот на народот, спротивно на интересите на мојата Македонија.
И денес да сум исправен пред истиот избор, јас повторно истото ќе го направам. Повторно интересот на народот и државата, повторно вистината ќе ги ставам пред моите лични интереси и амбиции.
Сето тоа секако има висока цена. Тука да нема дилема. Наместо фотелја, привилегии, почести, но и нечист образ и срам, јас избрав да трпам последици, малтретирање, бркање од работа, шиканирање, навреди, понижувања… но чист образ и достоинство.
Македонски Концепт, новата надеж на политичката сцена во земјава, е последица на тој непроменет став. Таа партија не се формираше за да ги задоволи моите потреби за фотелја. Тоа само лудак може да го каже.
Таа партија се формираше за да ги задоволи потребите на народот, на државата, за рестарт на системот, кој е целосно девастиран и буквално не функционира.
Јас лично сметам дека фотелјата (независно на која висина е позиционирана) претставува ефемерно задоволство, своевиден споменик на суетата, можност за брзо богатење… и таа никогаш нема да го досегне пиедесталот на кој се извишила и стои Македонија.
Токму и таа е пораката со симболот на Македонски Концепт, незнајниот јунак од Мечкин Камен, јунакот на Илинден, борецот за слобода и правдини. Него не го интересирала фотелја, туку Македонија. Тој е нашиот тотем. Тој е нашиот идол. Ние денес во нашата партија сме тоа што тој бил тогаш.
Затоа секогаш кога имам избор помеѓу фотелја или Македонија, јас ја избирам Македонија. Мојата фотелја, кариера, задоволства се пролазни, приземни страсти, само идејата за Македонија е вечна.
Македонски Концепт го сочинуваат реализирани луѓе. Луѓе со изградени кариери, професии, добар живот полн со задоволства.
Фотелјата за мене и за луѓето од Македонски Концепт секогаш била на дофат, но секогаш свесно сме ја заобиколувале. Зошто?
Затоа што во обратен случај, тоа би значело да го сршнеме погледот од интересите на Македонија и на нејзините граѓани, а да станеме исти како оние кои ги презираме и против кои се органзиираме да се бориме во политиката.
Да признавам, фотелјите се удобни. Но ако од тие позиции не се решаваат проблемите на граѓаните, тогаш бездруго, додека ние уживаме во удобствата, неудобно се чувствува цел еден народ.
И повторно, и постојано му се повторуваат веќе оживеани грди денови. Македонски Концепт сака да го промени тоа. Сака таквите сеќавања кај нашиот народ да избледат, да станат далечно минато.
Иако се обидувам за мене сеќавањата на ВМРО ДПМНЕ да станат бледо минато, сепак беше неопходно тука да се спомне, зашто и тогаш и сега тоа е голема партија преку која лесно се добиваат високи и удобни фотелји.
Ако барав фотелја, ќе стоев во тие редови таму! Јас ја напуштив зашто сум заветен на Македонија и македонската Кауза. Токму таа кауза е мајка на Македонски Концепт.