КОЛУМНА Богојески: Кој е мојот грев?

Кој е мојот грев?

пишува Петар Богојески, национален лидер на политичка партија Македонски Концепт️

„Кој не работи, тој не греши“ е стара народна поговорка, која е клише кое веќе го изгуби своето значење. Дојде време и оние кои не работат да грешат, бидејќи самото неработење е најголемата грешка според мене. Јас сум горд на мојот вложен труд, напори, енергија, посветена младост на една мисија, а тоа е зацврстување на македонската држава. Работев, напорно работев и работам, а сега сакам вас да ве прашам, кој е мојот грев? Имам во предвид цел мојот живот до сега и се што сум направил, со една многу важна напомена.

Почитуван читател, пред да започнеш да ми судиш за мојот живот, обуј ги моите чевли и оди по мојот пат! Пројди ги улиците, ридовите и долините, почуствувај ја болката и среќата, пројди низ годините по кои јас проѓав, падни преку секој камен кој ми се најде на патот. Исправи се и повторно оди по истиот пат, како што јас правам. И дури тогаш можеш да ми судиш!

Мојот грев е што сум роден во скромно, чесно, домаќинско, православно македонско семејство, кое на никому ништо лошо не сторило, никому ништо не украло, никому ништо не должи. Од родители, посветени работници, пример за чесни и достојни граѓани, жртви на транзицијата. Мојот грев е што сум внук и правнук на етнички Македонци по сите четири страни од женска и машка линија, борци за слобода и независност на Македонија, од илинденски, ополченички и партизански период.

Голем грев е што млад формирав свое семејство, станав сопруг, татко на две деца, кој децении се грижи за нив, без да побара помош од било кого. Исто голем грев е што сам од прво одделение, како „ничие дете, без вујко владика“, без помош од моќни семејни пријатели, сам со сопствен труд и со сопствени финасии, дипломирав на два факултети, магистрирав, специјализирав и напишав два докторати, со највисоки оценки пред стотина едукатори од најмалку пет различни институции, делумно дома и во странство. Притоа, секогаш бев туркан надоле, да не успеам, да поминат другите „наши деца“, а јас, јас станав само посилен.

Сигурно голем грев е што од млади години, додека моите врсници си играа фудбал или баскет, се забавуваа и „не ги интересираше политика“, јас станав политички и граѓански активист, публицист и колумнист. Наместо да се „шлаам“ по паркови, јас објавував политички и историски анализи и низа стручни трудови. Наместо да игнорирам, јас не можев да гледам неправди, стечајци, да игнорирам сиромаштија и тага во очите на мојот народ, па активно од рана младост се вклучив во борбата против тоталитаризмот и криминалното поведение и приватизација на транзициските Влади во Македонија.

Мој грев е што од моја петнаесет годишна воздраст се судрив со „моќните“ политичари и активно учествував во организирање на средношколските и студентски антивладини протести. Си ставив крст на рамо, се нафатив на повеќе партиски одговорности на локално и републичко ниво, без да побарам или прифатам државна позиција, поради лични убедувања.

Дел од гревот секако е тоа што силно ги поддржав демократските промени во 1998 година, верувајќи дека работиме за промени во Македонија. Најголем грев е што додека повеќето мои соборци од тој период, се посветија на крадење и апашлук, јас и моето семејство егзистиравме од пензијата на баба ми. Сам заработував, како најдобар студент имав стипендии, сам се школував, но денар не украдов од мојот напатен народ.

Голем грев е што во тажната 2001 воена година, јас како млад студент дадов се што можев за нашите бранители, застанувајќи на страна на унитарноста и против идеите за поделба на Македонија, споделувајќи ја визијата за интегрирана Македонија во НАТО и ЕУ со претседателот Борис Трајковски. Јавно се спротивставив на арамиите и апашите кои сакаат да ја парчат мојата Македонија и ги напуштив сите политички функции, во знак на несогласување со тие политики. Бев и останувам посветен почитувач на делото на македонските бранители и борец за достоинствен живот на нивните семејства и наследници.

Исто така грешев што во 2005 година го поддржав „Новото лице“, а во 2006 година Преродбата за Македонија, како заложба за економски реформи и подобар живот за сите граѓани. Верував, сакав да верувам, убеден бев како мнозинтвото од мојот народ, дека тоа е правиот избор за европска иднина на нашата Македонија. Бев излажан, а гревот го земам на себе. Се борев, се колнам дека се борев со сите сили, да не се повтори јавашлук и арамилук, но од мене не зависеше. Направив толку, колку што можев.

Мој грев е што во 2009 година, на партиски форум ја изговорив познатата – „Денес ја приватизираат партијата, утре државата“! За жал испаднав во право. Поради таа реченица, од 2010 година западнав во уште поголем грев, судирајќи се јавно со обидите за семејна приватизација на институциите на државата и енормната корупција на политичките елити. Не се повлеков во „свој свет“, зашто апашите беа семоќни во тој момент, напротив, започнав јавна и отворена институционална војна со истите. На повеќе нивоа и во рамки на можноста да дејствувам. Заштитив милиони и милиони евра на мојот народ. Се борев и приватно, да заштитам членови од семејството и пријатели од нахилноста на апашите. Тоа беше причината да здружам капитал со повеќе пријатели, да се задолжам во комерцијални банки, да бидам дел од купците на фамозната „Шула Мина“, како дел од личната одговорност кон нив и кон моето родно место. Тоа скапо ме кошташе. Но тоа е моја, приватна работа, тоа е дел од мојот грев.

Гревот го продлабочив, која видов дека институционално не може да се изборам во приватни институции, започнав нов јавен политички и граѓански активизам, во отворен судир со власта и партиската врхушка во 2016 година преку т.н. „Реформи“, како еден од лидерите на Иницијативата за внатрепартиска демократија и полна демократизација, модернизација и европеизација на македонското општество и држава. Млади и посветени визионери, кои јасно гледаа во иднината. Слепите не спречуваа, но времето нас не потврди. Поради слепилото на арамиите, желни за позиции и лично богатење, Македонија наместо да се реформира, падна во рацете на неранимајковци, кои начито ја расформираа.

Мој грев е што сакав европска иднина и подобар квалитет на живот за мојот народ, преку пријателство со соседите и историско помирување помеѓу Македонците, Бугарите и Грците. Јавно, многу јавно напоменав дека Бугарскиот договор ништо не решава од суштинските проблеми помеѓу двете држави и два народи, визионерски предвидувајќи го „бугарското вето“, уште во 2017 година.

Многу грешев што во 2018 година активно учествував во „Референдумот за името“, со уникатна кампања „И гласот ПРОТИВ е глас за Македонија“, повикувајќи на масовно гласање ПРОТИВ Преспанскиот договор, од причина што истиот не прецизен, не е спроведлив во целост, не претставува одржливо решение и не гарантира влез на Македонија во ЕУ. Само тоа беше единствен начин да се спречи денешнава трагедија за мојот народ, да шета како зомби, излажан и понижен низ целиот свет. Не ме послушавте, тргнавте по умот на бумбарите, ама тоа нека биде повторно грев на мене.

Нека биде мој грев и вториот пат, кога арамиите го трампа името Македонија за слободата на лицето Никола Груевски. Повторно се повлеков од сите партиски функции, зашто во политиката, функцијата ништо не ми значела. Но тоа предавство не се простува. Засекогаш завршив со секаква соработка со политичарите кои истото го овозможија. Сега повторно ќе менуваат Устав, за истото лице да се врати во Македонија. Јас пак ќе бидам во одбрана на интересите на татковината, но еве и тоа нека биде мој грев.

Голем грев е што повеќе од дваесет и пет години се борам за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, било преку невладин, било преку партиски, било преку граѓански активизам. Конкретно и посветено. Фокусирано. Поради тој грев сум дел од основачите на Институт ИСГ Македонија 2.0. и Унијата на европски федералисти на Македонија – УЕФМ, редовен член на Унијата на европски федералисти на ЕУ и станува нејзин прв претседател.

Уште поголем грев е што во нејзини рамки ја промовирав политичката платформа Македонски Концепт, со која наместо да барам привилегии и фотелји, учествував на Парламентарните избори 2020 година, како граѓански кандидат за пратеник на граѓански листи. И наместо да бидам како сите арамии, да посакам привилегии за себе, јас жестоко се судрив со власта која ја распродаде Македонија, поднесувајќи понижувања, шиканирања, малтретирања, бркања од работа… се е тоа мој грев.

Оваа година продолжив да грешам, по никоја цена да не отстапам од борбата за мојот народ и држава, па прифатив „удобна фотелја“ како лидер на Македонски Концепт, политичка партија на народот, која од предавнички побуди, статутарно се прогласи за наследник на Илинден и Илинденската Организација. Ете и тоа нека биде голем грев, зашто имаме намера да направиме последен обид да биде нешто од оваа држава.

Никој не спречил сон кој е заснован на идеја, знаење, работа, труд и здрав разум. Јас сум грешник, не сум светец! Ама за тоа, само Еден ќе ми суди!