КОЛУМНА Проева: Македонските револуционери и бугарскиот јазик

Македонските револуционери и бугарскиот јазик

Пишува Нада Проева, универзитетска професорка – историчарка

Точно 70 години од потпишувањето (1947) на првиот меѓудржавен југословенскo- бугарски договор за пријателство, соработка и меѓусебна помош, владите на Р Македонија и Р Бугарија, во 2017-та, потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка со несразмерни и нерамноправни обврски само за Македонија, што на бугарската страна ѝ овозможи не само безобѕирно негирање на македонскиот идентитет, историја, култура и јазик, со што се доведува во прашање опстанокот на Македонците, туку и газење на достоинството на македонскиот народ и мешање во внатрешните работи на македонската држава.

Последнава година, особено по прифаќањето на т.н. француски предлог, односно протокол за почнување на преговорите за членство на нашава држава во ЕУ, горливите прашања за идентитетот и јазикот на македонскиот народ, повампирени од страна на бугарските политичари и исполитизирани општественици, повторно се подгреваат до точка на вриење.

Бугарската страна во овој процес се повикува на две работи што го користи како главен доказ за нивната национална кауза: дека Македонците биле Бугари прелажани од Тито. Едната е ознаката Бугарин за македонските дејци коишто се школувале, живееле и твореле во тогашната бугарска држава и административно биле запишани како нејзини граѓани, што е обична ознака за државјанство, а не доказ за нивната етничка припадност.

Другата, пак, е користењето на бугарскиот јазик во творештвото на македонските револуционери и интелигенцијата, како и во училиштата во Македонија, нешто што отсекогаш и наголемо се злоупотребувало од соседите за негирање на македонскиот идентитет во прв ред од бугарска страна.

Но многу е важно да се каже дека македонската интелигенција, при немање македонски книжевен јазик, пишувала на туѓи јазици, а не само на бугарски јазик. Имено македонските дејци, поети, уметници, распрснати низ светот по Балканските и Првата светска војна, пишувале на јазикот на земјата каде што се засолниле и престојувале: бугарски, грчки, српски, руски, француски итн.

Школувањето пак на туѓ јазик, најчесто на јазиците на соседите, ги објаснува талкањата во однос на идентитетот и националните чувства на некои македонски дејци и револуционери, зашто јазикот е многу важен елемент од идентитетот на секој народ, односно главен чинител во јакнењето на националната свест.

Многу убаво и, што е уште поважно, непристрасно сведоштво за ова оставил прочуениот хрватски скулптор Иван Мештровиќ во своите сеќавања за познанството со битолчанецот Димитар Ризов, претставник на Бугарија во воената мисија во Рим, еден од најжестоките бранители на тезата за бугарски корени на македонскиот народ.

Во делот од разговорот воден во 1912-та, во Рим, тој пишува:

„Мене, како на Хрват, ми ја објаснуваше вистинската состојба на работите во Македонија и ми зборуваше дека е штета што првата словенска слободна држава не е создадена во Македонија, којашто еднакво би ги привлекувала Бугарите и Србите во заедница и би била алка, а не раздор помеѓу Србите и Бугарите.

Ми раскажуваше дека Македонците, говорејќи ја објективната вистина, не се ни Бугари, ни Срби, туку македонски Словени, кои говорат на свој одделен, македонски јазик или наречје. Освен тоа, дека причина што Македонците во таквата денешна состојба се определуваат повеќе за Бугарите е посилната и поуспешна пропаганда, како и поширокоградното прифаќање на Македонците во Бугарија.

Нашиот свет – рече – беше само ’македонски христијанин’, а потоа, откога се разви грчката пропаганда, стана ’македонски христијанин Словен/Славјанин’. Нам ни беше сеедно која христијанска земја ќе ни помогне да се ослободиме од Турците.

Ја сум роден во Битола. Во градот имаше неколку гимназии: турска, грчка, српска и бугарска. Нам, на Словените, ни беше сеедно во која словенска гимназија ќе учиме. Добивавме стипендија, за да можеме да живееме и да учиме. Јас на пр. со многу мои другари, кои потоа станаа Бугари, одев во српска гимназија.

Вистина е дека професорите во гимназијата ни зборуваа дека сме Срби, како и на оние во бугарската гимназија дека сме Бугари, но ние во себе си мислевме, а тоа и дома ни го зборуваа: сеедно, нека прикажуваат тие, но ние сме си македонски Словени христијани…

Кога завршивме гимназија, отидовме во Софија на висока школа, се разбира со стипендија. Ние велиме Македонски Словени тие велат Бугари, и така се привикнавме. Ете, така јас станав Бугарин. Исто како што Коста Стојановиќ и толку други Македонци во Белград станаа Срби“, заврши Ризов, објаснувајќи дека нив, Македонците, во Бугарија, повеќе ги влечел нивниот инстинкт, оти поверојатно било дека Бугарите ќе им помогнат да се ослободат од Турците отколку Србите.

„Ние Македонците сме на главни раководни места во Бугарија и природно е што би сакале цела Македонија да биде во Бугарија. Сакаме да имаме силна држава, да излегуваме на три мориња, а после ќе видиме“, ми објаснуваше Ризов.

Од ова изворно и непристрасно сведоштво јасно се гледа дека главната цел и желба на сите македонски дејци било ослободување на Македонија, но дека идеите и патиштата за остварување на таа цел биле различни. Имено, ВМРО се борела за автономија и самостојност на Македонија, но сфаќањата на нејзините дејци за автономноста се разликувале.

Така, за десницата т.е. бугаризираните дејци т.н. врховисти, автономијата била само привремена – преодна фаза кон присоединување со Бугарија, со цел создавање голема и силна држава со излез на три мориња – од Црно Море на исток, преку Бело (Егејско) до Јадранско на запад, та затоа се бореле за зачувување на целоста на Македонија, а пак во случај на неуспех на таквата замисла, прифаќале протекторат т.е. настапувале со барање за автономија под покровителство на големите сили.

За левицата, пак, односно за централистите, автономија единствено значело самостојна Македонија т.е. македонска државна единица, а во соодветно време и можна федерација со другите балкански народи, идеја што по потреба итромански ја користеле и пропагирале и врховистите, но за нив тоа било само чекор до крајната цел – присоединување на автономна и независна Македонија кон Бугарија, со што го изигрувале правилото за автономија.

За разноличните определби на македонските борци за национална и политичка слобода, освен жестоките големодржавнички пропаганди на соседите, физичките прогони и убиства, секако влијаеле нивната тешка материјална положба, стравот, моралната цврстина на одделни личности, како и личните амбиции, што доведувало и до меѓусебни крвави чистки.

Особено биле чести колебањата на одделни личности во однос на политичката стратегија и тактика за ослободување на Македонија, при што имало и такви што во желбата за ослободување на Македонија несвесно ја спроведувале политиката на бугарската монархија.

Причините за таквите појави, особено за користењето на бугарскиот јазик, кај нас се недоволно објаснети. Овие прашања се многу добро согледани и објаснети од Ангел Динев, современик, учесник и сведок во историските случувања, во неговата книшка „Етнографската идеја на македонските Словени“, напишана на бугарски јазик и објавена во Софија, во далечната 1944 г.

Во оваа книшка, А. Динев смело и без предрасуди пишува како за причините за неуспехот на борбата за самостојна македонска држава, така и за грешките на Организацијата направени во текот на борбата, и со право укажува на пренебрегнувањето, од страна на Организацијата, на задачата за градење национална свест кај народот, потонат во неукост поради бедата во којашто со векови живеел, и затоа првенствена цел на Организацијата била ослободување од ропските пранги и политичка слобода.

Имено, сфаќајќи ја важноста од знаењето на минатото (нешто што најголем дел од денешниве македонски политичари не го разбираат или не сакаат да го разберат), иако не е историчар по образование А. Динев уште од 1922-та почнал да се занимава со историско – публицистичка дејност на национални теми.

Заради ова наскоро ќе биде објавен превод од бугарски на македонски јазик, на оваа мала по обем, но мошне поучна книшка, што секој наш политичар треба не само да ја прочита туку да ја научи напамет.